Колумнисти има на кило, но добрите се бројат на прсти!

Од:

Подготовка за печат на страниците со мислења и коментари. Фото:John Niedermeyer, 2010

 

Иако постојат специјализирани колумни (за спорт, економија, култура, архитектура, уметност итн.), сепак, првото својство што треба да го поседува добриот колумнист е општата култура и сестраната информираност. Во таа смисла, а и практиката тоа го покажа, најдобрите колумнисти секогаш излегуваат од редовите на универзалните незнајковци, односно од новинарите.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Колумната е, веројатно, најхибридниот од сите новинарски жанрови. Имено, како во ниту еден друг од новинарските базични жанрови (вест, репортажа, интервју, коментар, статија) стилистиката кај колумните е еднакво важна, колку што се битни информацијата и ставот што колумнистот ги презентира. Токму затоа, таа се движи на тенката линија меѓу литеризацијата (есејот) и класичното новинарство (информацијата).

Според новинарот и колумнист Ѕвездан Георгиевски, колумната, а со самото тоа и колумнистот, се наоѓаат во привилегирана положба. Таа, вели тој, не мора да ги следи ниту цврстите новинарски канони, ниту, пак, да ја следи доследно уредувачката политика на весникот. Според него, колумната е ограден простор, своевидна екстериторија во рамките на медиумот, во која единствен суверен е авторот, односно колумнистот (а не уредниците и редакторите), а, посредно, преку него и читателот.

 

БИСЕР НА ЖУРНАЛИСТИЧКАТА КРУНА

– Колумната е оној новински материјал што во себе мора да ги носи сите три најважни димензии во новинарството – да биде информативен, забавен и едукативен. Затоа колумната е бисерот на журналистичката круна, шлагот на новинарската торта. Во таа смисла, една од најчестите грешки на македонските медиуми е претераната (зло)употреба на колумната. Имено, колумната, токму поради своите особини, треба внимателно да се дозира, бидејќи преголемиот квантитет на колумни едноставно ја девалвира нејзината вредност и ја банализира нејзината тежина – вели Георгиевски.

Иако постојат специјализирани колумни (за спорт, економија, култура, архитектура, уметност итн.), сепак, првото својство што треба да го поседува добриот колумнист е општата култура и сестраната информираност. Во таа смисла, а и практиката тоа го покажа, најдобрите колумнисти секогаш излегуваат од редовите на универзалните незнајковци, односно од новинарите. Без оглед на стручноста на експертите, малкумина од нив можат да се пофалат токму со таа толку неопходна информираност и со контекстуалното гледање на општествените процеси низ призмата на темата што се обработува.

– Иако тоа денес не изгледа така, колумната е релативно нов жанр во македонското новинарство и датира некаде од втората половина на 80-тите години на минатиот век. Со други зборови, македонското новинарство и во овој поглед доцнеше зад процесите во опкружувањето за нешто повеќе од една деценија. Една од причините, секако, е слободата на изразот, односно употребата на таканаречената „јас-форма“, односно на првото лице еднина, форма која дотогаш беше речиси канонски забранета во македонската журналистичка практика. Во таа смисла, колумна можеше да се добие новинар со дигнитет. Најчесто главните уредници или нивните заменици ја користеа (и ја користат) својата позиција да бидат и колумнисти во „своите“ весници, иако, како што рековме, колумната не мора нужно да ја одразува уредувачката политика на медиумот (а главниот уредник мора) – ни изјави Георгиевски.

Покрај информираноста, добриот колумнист би требало да е стилист, да има препознатлив јазик, да владее со јазичните каламбури и да го држи вниманието на читателот. За разлика од останатите новинарски текстови, каде што најважните информации се соопштуваат на почетокот на текстот, во колумната не постојат приоритети – таа е „важна“ во сите нејзини делови. Во таа смисла, и, повторно, за разлика од сите други новинарски текстови, во колумната е мошне битен и крајот, кој би требало да биде „панделката“ со која ќе се „врзе“ целиот текст, односно ќе му ја даде на текстот неопходната целовитост.

– Добриот колумнист мора да биде истраен и „долговечен“ со своите колумни. Треба да биде индиферентен кон честите напади, но секако достоинствен во изразот. Ако се земе сето ова предвид, за македонската колумнистика не може да се каже дека е на некои високи гранки. Добрите и трајни колумнисти можат да се набројат на прстите на една рака. Во крајна линија и тоа не би било толку лошо, да не беше таа колумнистичка хиперинфлација, која овозможи стотици автори себеси да се нарекуваат колумнисти – заклучува Георгиевски.

 

КАКО „МАЛИ ЃОКИЦА“ ГО ЗАМИСЛУВА СВЕТОТ

Дали колумната е жанр или само технички израз за издвоен простор – колона (column) во весниците каде што јавни личности, интелектуалци, новинари итн. ги пишуваат своите ставови по важни општествени прашања?
Како што вели Зоран Димитровски, одговорен уредник на неделникот Фокус, кога колумните станаа популарни во весниците на просторите на поранешна Југославија, за оние што ги пишуваа излезе погрдниот назив „колумњари“ (верзија на „комуњари“), што имаше намера да го потцени нивниот пишувачки труд и да го сведе на интелектуално дрдорење, вежбање на мозочните виуги, „како мали Ѓокица замишља свет“, без да се вложи новинарски труд на структурата на новинарскиот текст, на проверката на фактите.

– Легендата на југословенското новинарство, Александар Тијаниќ, кој стана познат по своите колумни во белградскиот неделник НИН, како и во Слободна Далмација, српските новинари и аналитичари го нарекоа лидер на т.н. „цакаторско“ (штосно) новинарство. Во своите колумни Тијаниќ употребуваше аналитички, но истовремено сатирични и хумористични интелектуални бравури, што неговите колумни ги правеа единствени. Од друга страна, негов пандан беше Богдан Тирнаниќ, кој во НИН пишуваше колумни на општествени теми – политика, спорт, култура, кои зрачеа со интелектуален шмек, но и со специфичен уметнички дух – вели Димитровски.

Кај нас, според него, е вообичаено главните уредници во весниците, новинарите со подолго искуство и надворешните соработници – познати личности, интелектуалци, глумци, професори, и сè почесто политичари, да пишуват т.н. колумни.

– Сепак, најголемиот дел од нив, или од нас, зашто и јас спаѓам во редот на оние што подолго време се обидувале да пишуват колумни, всушност, пишуваме коментари за политичките и за општествените состојби, помалку или повеќе аргументирани дневно-политички ставови, мислења, напишани со поубав или со помалку изграден стил – вели Димитровски.

Да се обидам, вели Димитровски, да ја насликам колумната и нејзините карактеристики. Што ја одликува?

– Пред сè, стилот на авторот, кој е нужно различен од вообичаениот новинарски стил на пишување коментари, ставови, анализи и треба да се доближува до литературниот, синаестичкиот стил. Се разбира, на бирократскиот, административниот, академскиот или кој и да е друг стручен и професионален јазик не им е местото во колумните. Од колумната, исто така, треба да зрачи ерудицијата, односно знаењето и наталоженото искуство на авторот. Погрешно е ерудицијата да се поистоветува со обврската колумната да содржи цитати од филозофи, научници или од познати личности, актери, романи, филмови, иако некогаш е неизбежно, а многу покорисно е тоа количество или квалитет на знаење да се подразбира и читателот посредно да го почувствува од колумната – вели Димитровски.

За разлика од анализите, коментарите, ставовите за општествени појави и прашања, според Димитровски, колумните траат вечно, односно кога и да го отвори весникот, по еден ден или по една деценија, читателот треба да има чувство оти авторот ја напишал колумната во тој миг.

– Колумните се читаат со радост, љубопитност и со воодушувување. Има кај нас повеќе новинари кои негуваат убав пишувачки стил. Некои се доближуваат до литературата, некои се мајстори на метафорите, но ретки се вистинските колумнисти – заокружува Димитровски.

 

ОТПОР КОН ДРУГИТЕ ЖАНРОВИ

Главниот и одговорен уредник на Слободен печатБранко Героски, колумната е предизвик за зрелите автори, бидејќи во себе ги обединува сите поважни постапки во пишувањето – од нарацијата и дескрипцијата, до аргументирањето и беседењето. Таа, всушност, вели Героски, треба да биде израз на незадоволство од едноличноста на информативните жанрови, чин на своевиден авторски отпор кон ефемерието на новинарските творби кои живеат еден ден, најмногу една недела.

– Впрочем, треба да се знае дека за духовен татко на овој жанр се смета еден извонреден автор, Семјуел Џексон, познат британски лексикограф од 18-иот век. Тој, незадоволен од (не)квалитетот на печатот во своето време, самиот покренува весник (не многу славен), во кој пишува колумни за културниот живот и за секојдневието на Лондон – вели Героски.

Како и да е, според Героски, во основата на жанрот колумна лежи отпорот кон другите жанрови, во извесна смисла дури и отпорот кон концептот и уредувачката политика на медиумот.

– Не случајно колумните често се објавуваат на т.н. отворени страници на весниците (op-ed pages), тие што пoнекогаш се дури и спротивставени на генералната уредувачка линија. Две основни карактерситики, според мене, ја определуваат суштината на овој жанр – нагласено субјективниот дискурс на авторот и фреквенцијата на објавување. Субјективниот дискурс дозволува во колумната да доминира личниот светоглед на авторот и неговите лични стилистички преференции. Затоа колумните се одликуваат со елементи на хумор, сатира, козерија, драма и на сето она што наликува на belles lettres. Фреквенцијата, пак, наложува јасно дефиниран степен на зачестенот на колумните, кои се појавуваат на определено место и во определено време – ни изјави Геороски.

Кај нас често се занемаруваат овие карактеристики на жанрот, тврди Героски, па вели дека неретко како колумни се „продаваат“ коментари и анализи, понекогаш и од автори на кои објективно им недостига не само неопходната субјективност, туку понекогаш и елементарни техники на пишување.

– Но, мислам дека не треба да бидеме пуританци – важно е што во последните години, особено со појавата на интернет-медиумите, многу млади автори се трудат да ги изнесат своите лични ставови во четива кои, повеќе или помалку, можат да се опишат со стандардните аналитички жанрови, меѓу кои е колумната. И тоа е значаен придонес во јавната дебата што треба да се цени. Ако, пак, цената за тој придонес е тоа што многу често за колумна се означува и она што не е, би се осмелил да кажам дека тоа е цена што вреди да се плати – заклучува Героски.

 

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска