„Колку ви платија за да го пишете ова“, „30 сребреници за јаже?“, аргументи и кавги во групата против дигитализација на учебниците

Од:

Меѓусебни навреди, обвинувања за ширење партиска пропаганда, вмешување и на политиката во дигитализацијата на учебниците, но и аргументирани коментари на родители зошто се против реформата што ја најави Министерството за образование. Вака некако изгледаат преписките на фејсбук-групата „Учебници и настава мора да има“, која за неколку дена има 72 илјади члена. Лицата што пристапиле кон групата главно ги поддржуваат само аргументите за стопирање на најавената дигитализацијата. За другите објави доаѓа и предлог за да се бришат, а некои од членовите велат дека веќе им бил избришан дел од објавените коментари.

Меѓу коментарите на членовите има и такви што не се врзуваат со дигитализацијата и проблемите со неа, туку со промената на името Македонија и додавката Северна, измената на историјата и додавањето на предметот сексуално образование, со кое, според коментарот, ќе им се всади на децата дека е нормално да имаш друга сексуална определба.

„…Бидејќи сте добро информирана за реформите, кажете ги искрено мотивите за итните и неодложни реформи: Според купопродажните договори со соседите, треба во определен рок да се избрише името Република Македонија од сите учебници за сите одделенија и сите средни училишта. И, да, не може, ниту имаат капацитет, а и скапо ќе ги чини одеднаш да испечатат учебници за сите деца по сите предмети. Затоа, ќе се импровизира, а нам ќе ни се замачкуваат очите со дигитализација, модернизација… Според истите договори, треба да се измени историјата, сите знаеме како. Бидејќи немаат време до септември да измислат нова, а и да не му бодат очи на народот, фино ќе си ја интегрираат со други предмети вклучувајќи ги само дозволените содржини. Бидејќи главни финансиери, поточно нивни спонзори, се здруженија и организации со ЛГБТ-идеологија, мора да воведат сексуално образование уште од прво одделение за на малите и невини мозочиња да им се всади дека се нормални сите неморалности“, стои во еден од коментарите во групата.

Ваквите коментари наидуваат на поддршка за разлика од коментарите што поддржуваат дигитализација и тоа го аргументираат, по што следуваат навреди, обвинувања, барања за бришење на објавите.

„Дигитализацијата е одлика на модерното време, дигитални учебници има во напредните европски држави, треба да има и кај нас, МОН нека го слуша гласот на народот, но и нека носи храбри одлуки во овие тешки времиња, одиме напред, европски стандарди се потребни тука, потребни се реформи, има премногу теорија во нашето образование,  а малку практична настава, со новите реформи ќе има промени во тој дел, мислам дека нема човек што не се согласува со ова, ученик, наставник или обичен граѓанин“, пишува во една од објавите за поддршка на дигитализацијата на учебниците.

По оваа објава, следуваат обвинувања за партиска пропаганда и прашања, како: „Колку ви платија за да го напишете ова?“, на што друг член иронично одговара: „30 сребреници да купи јаже“. Покрај ваквите коментари, има конструктивни објаснувања за тоа зошто дел од јавноста смета оти не е време за дигитализација, како и тоа дека таа нема да функционира кај нас.

„Првин да се средат училиштата, да им се обезбедат услови на децата за учење, нека бидат и тие како европските училишта, па потоа може да се комбинира настава, со дигитални помошни алатки. Но, главен хартиен учебник – мора да има“, стои во друг коментар под истата објава.

Во групата се споделуваат и информации од други држави. Најчесто тоа го прават родители чии деца студираат во странство.

„Ве слушам со таа ваша дигитализација на учебниците. Мојата ќерка живее во Франција. Точно, имаа некој учебник што им го праќаа на факултет преку компјутер. Но, дома имаше печатач, мастило што чини 25 евра. Способни ли сме ние во Македонија да ги покриваме тие трошоци. Ние не сме во ЕУ. Таму му даваат стипендија на секој ученик. А социјално загрозените имаат уште повеќе бенефиции“, стои во коментарот.

За седум дена од формирањето, групата има над 72.000 члена. Дел од неа се воспитувачи, наставници, училиштен кадар, ученици, а повеќето се родители. Главната цел на групата е да не се поднесе и изгласа законот со кој Министерството за образование ќе воведе електронски учебници наместо хартиени.

Би можело да ве интересира

МОН: Наставата наместо во саботи ќе се надомести во работни денови

МОН не го послуша Советот на Општина Велес: Скрати македонска паралелка во гимназијата

Орце Костов

До крај на година ќе се учи секоја сабота: Неработните денови за учениците преку ноќ станаа работни

Орце Костов

МОН: Не укинуваме паралелка на македонски јазик во велешката гимназија

Орце Костов

Нема евиденција дали 140 денари за оброк завршиле кај студентите, МОН исплаќал пари без утврдени легла во домовите, покажа ревизијата

Орце Костов

МОН за протестот на универзитетите: Ако постои волја во Собранието за колективен договор, ние ќе учествуваме во преговорите