Колку не вреди твојот глас

Од:

Cui bono – кој користи?

Прашањето се поставува, кој користи од нашата аверзија кон гласањето? Кој користи од тоа, ние, на ден на избори да седиме дома и да мислиме дека сите партии се исти, и дека не го заслужуваат нашиот глас?

Ние самите? Нашата фамилија? Државата? Или можеби партиите?

Ова е мое лично мислење и го аргументирам на следниот начин:

Без разлика што се случува во нашата држава и без разлика кои се луѓето кои што сакаме да ги поддржиме (и доколку такви воопшто постојат). Сепак, покрај тоа што е битно да го изгласаме оној кој што сметаме дека најдобро ќе ја води државата, исто така е битно да се искористи правото на глас.

Причината е многу едноставна и верувам дека сите веќе ја знаеме.

Кога имаме ситуација каде за сите партии кои што излегуваат на избори, гласовите изнесуваат 60% од населението и останатите 40% се пасивни, им се дава сигнал дека тие 40% кои што не гласале нема потреба да бидат задоволени. Безразлика што и да направат партиите, пасивните (не)гласачи сепак нема да се вклучат во распределбата на моќ. Тоа за секоја партија има исто значење, а тоа е следното: ресурсите, работните места, капиталот што го распределуваат е доволно да биде фокусиран само на оние кои што ќе им доловат повеќе гласачка моќ од веќе постоечките избирачи.

Тоа значи дека партиите, безразлика кои и да се, ќе се концентрираат на задоволување на потребите само на групите граѓани кои ќе им донесат повеќе гласови од нивните опоненти.

Ако имаме 60% активно гласачко население, доволно е да задоволат 35% од целото тоа население за да формираат влада.

Што значи тоа за сите нас?

Тоа значи дека партијата ќе ги распределува своите ресурси само на оние групи на граѓани кои се ЛОЈАЛНИ на таа партија. Тие ќе ги добијат работните места, тие ќе ги добијат тендерите, тие ќе го добиваат капиталот. Безразлика колку е мал или голем буџетот, ако е доволно со 35% електорат да се стигне на власт, тогаш големата грутка од богатство ќе оди најмногу кај тие граѓани.

Што би се случило ако имаме поголем процент на активно гласачко тело?

Секоја партија ќе добие поголем удел од тоа гласачко тело. Тоа незначи дека ќе го смени исходот на изборите: доколку сега новите активни гласачи го распределат релативно еднакво нивниот глас. Меѓутоа со самиот факт дека процентот на активни гласачи е поголем, партиите добиваат до знаење дека МОРААТ нивнните ресурси да ги распределат и на новите учесници. Ако имаме релативно висока излезеност на граѓаните, партиите ќе бидат во ситуација каде што не можат нити да ја купат нити да ја форсираат лојалноста на сите. Ако на друга страна, имаме мала излезеност на избори, математиката станува поинаква: некои ќе купат, на некои ќе им продадат идеологија (левичарска или десничарска), а некои ќе притиснат.

Но, кога подобр дел од електоратот ќе излезат на гласање, тука е очигледно дека не се сите лојални гласачи, и силата на граѓаните е во тоа дека не мора да бидат лојални. Бидејќи со тоа му даваат знак на партиите дека ако водат грешни политики, истите ќе бидат сменети. Автоматски, партиите согледуваат дека ПОВЕЌЕ се исплаќа да водат правилни или политики кои еднакво ќе го распределат капиталот на народот одколку да купуваат лојалнотст. Така се променува политика, така се намалува (не се гасне) корупција, така парите се вложуваат во инвестиции и капитални проекти кои ќе бидат од бенефит на широката маса, а не само на оние на кои треба да им се купи лојалноста.

Што се случува ако не гласаш?

Можеби некои од нас се крајно разочарани од политиките кои ги водат двете партии, меѓутоа со самото негласање им отвараме пат на корупција и им даваме до знаење дека е доволно да се распредели капиталот на лојалните гласачи со цел да се земе уште еден мандат.

Затоа да бидеме сигурни, едно е да победи партијата за која што ти се залагаш, друго е да победи партијата за која што ти се залагаш НО, со голема излезеност на гласачи. Ако сакаме, нешто да се смени, не смееме моќта која што ни е дадена на сите нас да ја отфрлиме, не смееме да им веруваме на оние кои ни викаат “Види јас сум независен и ми е стварно смачено од политика“, а во меѓувреме знаеме дека истите тие ќе излезат на гласање.

Да, еден глас незначи скоро ништо. Да, твојот глас може да биде променет, избришан и прогласен за неважечки. Исто така веројатно е дека изборите нема да бидат перфектни, нити најрегуларни нити баш фер. Меѓутоа, на денот на изборите сите сме еднакви, тогаш и само тогаш полето е изедначено – твојот глас или твоето парче моќ вреди исто колку на најголемиот државен функционер.

На секоја партија му е полесно да владее со мала група на лојални избирачи, меѓутоа секоја партија е поефикасна и работи (повеќе) за интересите на луѓето кога знаат дека нивната власт зависи од сите нас, а не само од тоа да имаат повеќе лојални гласачи од нивниот политички ривал.

Горан Дамчевски 02.11.2016

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска