КОЛКУ ГРАЃАНИТЕ ВЕРУВААТ ВО ПРОГРАМИТЕ НА КАНДИДАТИТЕ

Од:

Македонија е предизборно раскопана по улиците и во душата. Булдожерите и проектите им кажуваат на граѓаните: Владата работи за вас! Општините работат за вас! Што вие граѓаните, ќе работите, освен да гласате – не знаеме: Вие се изгубивте во преводот. Затоа, чујте за нашите проекти….

Колку навистина се важни програмите и проектите за граѓаните? Дали им веруваат, дали мислат дека се тие одраз и резултат на некакви научни или граѓански приоритети. Дали се тие само резултатите од анкетите, кои партиите ги имаат направено со граѓаните, па знаат “што кај нив моментно поминува”?

Токму тоа ние од АГТИС се прашувавме и заради тоа креиравме и спроведовме анкета за истражување на ставовите на граѓаните во регионот Пелагонија за приоритетите, знаењата, довербата и важноста на понудите на политичките партии на локално ниво. Дали граѓаните им веруваат на програмите на кандидатите за градоначалници или се работи за фолклор. Првото прашање се одговара експлицитно, а другото е имплицирано од првиот одговор.

Истражувањето е спроведено од 28 февруари до 6 март годинава, на анкетен примерок од 944 испитаници во 9 општини (4 промили од населението во Пелагонија) и се состоеше од теренска анкета, по случаен избор, со пишан прашалник со мени одговори, а претпоставениот степен на доверба е 95% (прецизност на мерење: ± 5%). Степенот на прифаќање на анкетирање беше одличен (само 20% граѓани одбиле да се анкетираат). Спрема етничка припаданост на испитаниците најмногу биле Македонци (81,4%).

Во просек, 33% испитаници биле прашани од партиите за нивните мислења за приоритетите на општините. Во градските средини, најмалку се прашани граѓаните на Битола со 18%, додека во Прилеп (30%), Ресен (32%), Крушево (32,5%) доста повеќе. Селските општини, составени од етнички монолитно население покажуваат висока домашна агитација на партиите (Кривогаштани со 66% и Новаци со 55%).

Настрана од контактот “од врата до врата” граѓаните разговарале за проблемите и приоритетите на општините и на јавни средби, па 41,4% одговориле дека биле на такви средби, а 57,6% – не. При тоа, најмногу граѓаните биле на партиски средби (27%).

Но, заради што се тие посети и повици за јавни средби? 74 % анкетирани мислат дека посетите и контактите од партиите имаат друга цел, а не да се чуе нивното мислење.

На прашањето дали се граѓаните доволно информирани што кандидатите ветуваат 26,6% испитаници одговориле потврдно, 26% одречно, 25,4% биле малку, а 22% биле прилично информирани. Најинформирани биле во Ресен 46%, а најмалку во Кривогаштани (44%).

За тоа каде чуле за ветувањата на кандидатите од својата општина, 42,6% чуле на ТВ, 27,4% на партиски митинг, 22,7% при непосредни средби со граѓани, на фејсбук 19,1%, на радио 15,2%, во весници прочитале 14,6%. На партиски митинзи најмногу испитаници се информирале во Могила (60%), Демир Хисар (40,5%) и Долнени (38,2%), а најмалку во Битола (18%) и Прилеп (19,1%). Партиските веб страници се слабо посетени (7,5%).

На програмите на кандидатите за градоначалници им веруваат 17%, делумно им веруваат 37%, а не им веруваат 46%. Најмногу веруваат во Новаци (30%) и Ресен (23%).

Анкетираните мислат дека програмите се базираат на партиски (36,4%) и лични интереси (37,8%), желбите на граѓаните (14,8%), на советите на експертите (13,5% ) и др.

Дека градоначалниците можат да го остварат ветеното се изјасниле 39,1% од испитаниците, а највисок резултат има во Прилеп (49,7%), Битола (43,46%) и Ресен (40,3%).

На прашањето заради што градоначалниците не можат да ги остварат ветувањата, испитаниците рекле дека премногу ветиле (51,5%), дека политичарите не ги интересира да ги остварат ветувањата (29,7%), немањето доволно пари (27%), дека причината е во недостаток на стручни лица во општините (8,4%) и дека немаат добри проекти (10,2%).

Испитаниците мислат дека градоначалниците можат да помогнат општината да се развива економски (85,7%), веруваат дека градоначалниците треба да вработуваат во општинската администрација (44,3%), наспроти 35,3% дека не треба, и да вработуваат повеќе во комуналните претпријатија (68,2%).

Надлежностите на општината граѓаните ги знаат повеќе од порано, но сепак недоволно. Така, дека градоначалниците имаат висока улога во создавање нови работни места во стопанството мислат 52,8% испитаници, дека тие имаат голема улога во отворањето нови фирми мислат 43,7%, дека треба да градат фабрики мислат 36,2%, а дека немаат таква надлежност знаат само 27,7% испитаници.

Дека градоначалниците немаат надлежности врз УЈП знаат само 19,5%, врз судството 42%, врз снабдувањето со струја 19%, дека субвенциите во земјоделието не се општинска работа знаат 31,2% испитаници.

“За” изградба на економски зони се 61,3% од испитаниците, а против се само 7,3%. Од тука се гледа заради што овие зони се во програмите на сите кандидати.

Генерално, граѓаните не им веруваат или делумно им веруваат на програмите на кандидатите и свесни се дека партиите не ги интересира нивното мислење. Тие не се сигурни ниту во надлежностите на општините, што е поддржано и со јавните владини кампањи.

Штом е така, граѓанинот се однесува ирационално кога гласа врз база на таква програма, што ги поддржува стојалиштата дека политиката е митологизирана во форма на бајки за возрасни.

Во бајките нема место за граѓаните, туку само за традиционалните ликови. Затоа граѓаните не мора да работат ништо и можат само да го чекаат исходот на приказната.

АГТИС
Александар Цветкоски
Март 2013 година

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска