Судот во Приштина ги ослободил од затвор Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се обвинети во случајот „Монструм“, а во Косово издржуваа затворска казна за друго кривично дело, пренесе весникот на албански јазик „Коха“.
Демири и Исмаиловиќ беа осудени во Косово во март 2013 година на две ипол години затвор за нелегално поседување оружје.
Македонското Министерство за правда по нивното апсење побара од Косово да ги екстрадира во Македонија на издржување доживотна затворска казна за случајот „Монструм“.
Нивниот адвокат Бесник Бериша, како што пренесува „Коха“ потврдил дека Судот во Приштина донел одлука за ослободување еден ден пред истекувањето на нивната затворска казна.
Засега нема официјална потврда за ослободувањето на Демири и Исмаиловиќ ниту од косовските, ниту од македонските власти.