Пишува Жарко Трајаноски, м-р по човекови права
Фотографија: khalid Albaih
„Праксата покажува дека одговорното и етичко новинарство никогаш не е резултат на законски решенија и државни прописи, туку на доброволно почитување на кодексот кој е создаден од самата медиумска заедница“. (Прирачник за етиката во новинарството)
Медиумските манипулации на тема „закон за медиуми“ заслужуваат посебно внимание.
Имаше ли јавна презентација на Закон за медиуми во 2011?
На 6 декември 2011 на електронскиот портал на ТВ Сител е објавен ТВ прилогот „Јавна презентација на новиот закон за медиуми“. Самиот наслов на прилогот сугерира дека има некаков „нов закон за медиуми“ кој бил јавно презентиран. Меѓутоа, во самиот ТВ прилог е најавена и следнава изјава на министерот Миле Јанакиевски (истата не е транскрибирана):
„Потребата од нов Закон за медиуми денеска на јавна дебата ја презентираше и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, чиј ресор е задолжен за неговото изготвување: ‘Во оваа прилика исто така сакам да демантирам дека министерството за транспорт и врски има готов текст на закон за медиуми, не, денес само се презентира потребата од донесување на…, односно потребата од изменување на регулативата’“.
Но, насловот „Јавна презентација на новиот закон за медиуми“ го „демантира“ не само министерот (кој јавно демантира дека се презентира „готов текст на закон за медиуми“), туку и новинарот кој истакнува дека на јавна дебата била презентирана „Потребата од нов Закон за медиуми“.
Прилогот започнува со повикување на тврдења на некаква „експертска јавност“ наспроти ставот на ЗНМ, без воопшто да се прецизира изворот на тие тврдења, кои воопшто не се содржани во пренесените изјави:
„Се жалат дека имаат проблеми, но не сакаат нивно решавање. Вака експертската јавност го коментира ставот на здружението на новинари дека на Македонија не и е потребен нов закон за медиуми, бидејќи веќе имало неколку закони кои ја регулирале медиумската сфера“.
Во прилогот, како извор кој директно се спротивставува на ЗНМ се јавува главниот уредник на ТВ Сител, кој е претставен како дел од „оние кои зад себе имаат долги години стаж во редакциите“:
„За разлика од здружението на новинари, оние кои зад себе имаат долги години стаж во редакциите сметаат дека регулирањето на работата на новинарите е неопходна, бидејќи неовинарството е единствената професија во земјава која не е регулирана со закон“. (Симптоматичната печатна грешка во транскрипцијата „неовинарството“ намерно не е исправена. Несомнено, „неовинарството е единствената професија во земјава која не е регулирана со закон“.)
Уредникот на ТВ Сител, во својство на извор, го злоупотребува својот медиум за пресметка и дискредитирање на своите колеги:
„Здружението на новинари покажа и дека после десет петнаесет години сѐ уште е водена од интересите на Сорос фондацијата и на СДСМ и сака да биде плукач и опозиција, а не креатор на новиот закон за медиуми, е казна за новинарите. ЗНМ ги казни новинарите со тоа што апстинираше од создавање на закон кој мора да постои, само за да ја сочува својата позиција на опозиција и да биде политички фактор, наместо стручен фактор“.
Анализираниот прилог на ТВ Сител покажува дека најгласни поборници за донесување на нов Закон за медиуми уште во 2011 се токму оние новинари и уредници кои флагрантно ги кршат етичките норми од новинарскиот кодекс: со искривување на факти, преку повикување на некаква неопределена „експертска“ јавност и со флагрантна злоупотреба на уредничката позиција, во улога на дискредитирачки извор на информации.
Избрзани генерализации
На 8.04.2013 се одржа првата јавна расправа за „Закон за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги“. Повеќе медиуми кои известуваа за овој настан излегоа со генерализирачки наслови од кои се стекнува впечаток дека сите новинари го бојкотирале настанот. На пример:
- Новинарите во знак на протест заминаа од расправата за Законот за медиуми
- Новинарите го бојкотираат законот за медиуми
- Дебата за Законот за медиуми без новинари
Меѓутоа, наспроти генерализирачкиот наслов „Новинарите го бојкотираат законот за медиуми“, во прилогот е содржана информација дека не сите новинари ја напуштиле расправата:
„Новинари од државната агенција МИА, Јавниот сервис МРТВ и дневниот весник Нова Македонија останаа на расправата“.
Дали „Законот за медиуми е фантастично добар!“?
Крунски доказ дека дел од новинарите го поддржуваат и фанатично го промовираат предложениот закон за медиуми е текстот „Законот за медиуми е фантастично добар!“.
Во текстот се изнесени следниве манипулативни тврдења:
„И покрај сите бенефити од новиот закон за медиуми, Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија, Македонскиот институт за медиуми и Центарот за развој на медиуми се против неговото донесување. Нивни претставници минатата недела во знак на протест ја напуштија презентацијата на нацрт-законот кој не го ни прочитале. За разлика од нив, Македонската асоцијација на новинари МАН целосно го поддржува ова законско решение и најави дека ќе учествува во неговото донесување“.
Зошто тврдењата се манипулативни?
Како прво, се тврди дека организациите се против донесувањето на законот, за во следниот параграф да се истакне нешто сосема друго:
„Овие организации предлагаат Владата да го објави законот за медиуми и рокот за неговото носење да го одложи за три до пет месеци, а во меѓувреме да тече сериозна дебата и заклучоците од неа да станат составен дел од законот.“
Наместо да објасни зошто организациите кои, наводно, се против законот бараат време за сериозна дебата (од која ќе произлезат заклучоци кои ќе „станат составен дел од законот“), новинарот продолжува да го фали тајно-подготвуваниот закон, а да ги критикува организациите зошто не го прочитале, иако немале никаква можност да го прочитаат пред дебатата:
„Она што тие не го знаат затоа што не го прочитале е дека Законот за медиуми е навистина добар!“
Како второ, комплетно се игнорираат аргументите на споменатите здруженија дека законот за медиуми што сега се отвора пред јавноста е пишуван во сосема поинаква атмосфера, за разлика од другите претходни закони, подготвувани со директно учество на засегнатите страни:
„Во целост е припремен од Владата, и како конечен и затворен концепт денес се нуди на јавноста за коментирање“ (Новинарите бараат отворена дебата за законот за медиуми).
Протестот на здруженијата е претставен како бесцелен и бесмислен, а сосем се игнорира клучното прашање: Зошто здруженијата на новинари се вклучуваат во консултативен процес дури откако нацрт-законот е готов?
Како трето, се изнесува фактички неосновано тврдење, непоткрепено од никаков извор, дека:
„За разлика од нив, Македонската асоцијација на новинари МАН целосно го поддржува ова законско решение и најави дека ќе учествува во неговото донесување“.
Неколку параграфи подоцна, се објавува поинакво тврдење, од кое може да се заклучи дека не е точно дека „МАН целосно го поддржува ова законско решение“:
„Македонската асоцијација на новинари, пак, бара наместо СРД, да се формира Агенција за издавање на лиценци за електронски медиуми со цел воспоставување на одредени стандарди“.
Конечно, во самиот напис „Законот за медиуми е фантастично добар!“ се содржани и повеќе критики кон „фантастично добриот“ закон. Покрај жестоката критика за начинот на финансирање на МРТ („МРТВ повторно ќе цица пари од ‘три мајки’“), во написот е изнесен и следниов предлог:
„Потребни се и измени во казнените одредби, бидејќи ниските казни во случај на прекршување на законот оставаат простор често законот да не се почитува“.
А колку се казните „ниски“, може да се види и во самиот предлог закон, кој предвидува „Глоба во износ од 2-3% од вкупниот годишен приход на правното лице“ по 60 основи и „глоба во износ од 1000 до 3000 евра во денарска противвредност… на одговорното лице во правното лице и на трговец поединец“. Глоба во износ до 2% од вкупниот годишен приход на правното лице е предвидена и во случај ако правното лице „не објави соопштенија или службени изјави од надлежни државни органи и тела“ и по уште 25 други основи.
Дали Македонија е единствена европска држава која нема закон за медиуми?
Неетичкото известување во врска со „законот за медиуми“ продолжи и во ТВ прилогот „МАН го поддржа Законот за медиуми и се вклучи во преговори со владата“. Во прилогот се известува дека:
„Македонската асоцијација на новинари го подржуваат законот бидејќи Македонија е единствена европска држава која нема закон за медиуми“.
Ваквото тврдење му се припишува на МАН, и воопшто не се проблематизира, иако е апсолутно неточно. Имено, постојат само неколку држави членки на ЕУ каде што има унитарни закони кои се протегаат и на радиодифузерите и на печатените медиуми и нивните електронски публикации.
Сепак, најсимптоматично во ТВ прилогот е тоа што воопшто не е транскрибирана конфузната изјава на Министерот Ивановски, во однос на предлозите на МАН:
„Министерот Ивановски смета дека предлозите на МАН биле добар основ за натамошно подобрување на текстот на Законот: ‘Ова што денеска и Македонската асоцијација на новинари го посочи, тоа е за оној моментот кога цензурата кога се воведува, ние би сакале да појасниме дека нивниот предлог е прифатен, да се допрецизира, бидејќи и нашата идеја беше тоа, Конвенцијата за човекови права, која што се пресликува во ова начело, за работењето на медиумите, и нивниот предлог беше во интерес на сите страни, за да биде појасен, да биде попрецизен’“.
Министерот Ивановски даде конфузна изјава во која кажа дека МАН реагирала „за оној моментот кога цензурата кога се воведува“, а новинарот не го постави прашањето: Како е можно со закон да се воведува цензура, кога согласно чл. 16 од Уставот „Цензурата е забранета?“
Но, дури и министерските изјави кои посочуваат на опасноста од законско воведување на цензурата не ги вознемируваат провладините новинари кои го подржуваат законот за медиуми. Веднаш по изјавата за моментот „цензурата кога се воведува“, медиумот се злоупотребува за дискредитирачки атак врз ЗНМ како „асоцијација која е создадена од СДСМ и без исклучок ги следни нивните јавни ставови…“
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).