Коалиција Маргини: Образованието во земјава расад за дискриминација и вознемирување врз основа на род, сексуална ориентација и родов идентитет

Од:

Тужба за утврдување на дискриминација во учебникот „Основи на персонологија 2“ од проф. д-р Благоја Јанаков, што се користи во наставната програма на Филозофскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје поднесе невладината Коалиција Маргини заедно со Мрежата за заштита од дискриминација. Обвинување на жените за зголемениот број на разводи, осуда на прекинувањето на бременост и квалификување на истополовите партнерства како забеганост, се само дел од вознемирувачка содржина што бараме да биде отстранета и заменета со научно заснована содржина што е во чекор со современата научна мисла, информираат од Коалицијата Маргини.

Институциите, велат оттаму, имаат обврска да обезбедат образование насочено кон целосен развој на личноста и кон зајакнување и почитување на човековите слободи и права, поради што мора да биде ослободено од сите форми на дискриминација.

-По неколку обиди да го привлечеме вниманието на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Филозофскиот Факултет и на авторите на спорните учебници кои се дел од наставната програма на оваа единица, и да побараме повлекување на спорните содржини, наидовме на отпор и игнорирање на нашите барања. Дополнително, споменатиот автор на учебникот е веќе професор во пензија, но неговите спорни учебници сѐ уште се користат во наставата на овој факултет. Коалицијата Маргини, заедно со партнерските организации од Мрежата за заштита од дискриминација, подолго од една декада работи на елиминирање на дискриминирачките содржини во учебниците кои содржат невистни, научно незасновани ставови преку кои се одржуваат родовите предрасуди и стереотипи и се вознемируваат луѓето со различна сексуална ориентација и родов идентитет, се вели во соопштението од Коалиција Маргини.

Оттаму појаснуваат дека идентификувавале повеќе од 20 учебници во сите нивоа на образование што содржат дискриминирачка содржина, најчесто врз основа на род, сексуална ориентација, родов идентиет и здравствен статус, а по наша иницијатва дел од овие учебници беа отстранети. Сепак, потенцираат, останува фактот дека образовните програми и материјали се уште се полни со содржини што создаваат и одржуваат понижувачка и непријателска средина за жените, сексуалните и родовите малцинства.

Од Коалицијата Маргини посочуваат дека на потребата од измена на наставните материјали уште во 2011 година укажала и Европската комисија во Извештајот за напредокот на државата, но, додаваат, досега малку е направено за елиминирање на дискриминацијата во образованието.

Поради ова, Коалицијата Маргини и Мрежата за заштита од дискриминација ја инфомира јавноста дека, покрај судската постапка, започнува со серија активности за подигнување на свеста на стручната и општата јавност за, како што истакнуваат, потребата од реформи во образованието со кои ќе се обезбеди квалитет во знаењата, напредок во науката и создавање нови генерации на вистински професионалци кои во својата професија ќе се водат од фактите, а не од предрасудите.

Би можело да ве интересира

„Министерката ми се закани дека ќе ме избрка“: Советничка во МОН била вознемирувана од Шаќири и Царовска

Орце Костов

Се вселила во стан во Скопје, соседите ја избркале по еден ден оти била Ромка

Орце Костов

Ѓорѓи Трендафилов: Македонија е дискриминаторска земја не само во однос на етничкото потекло

Орце Костов

Комисијата за заштита и спречување дискриминација можно уште денеска да ја разгледа наводната согласност на Владата кон „Бехтел и Енка“ за поголема работна недела

Ана Ололовска

Комисијата за заштита од дискриминација со препорака за Акциски план за унапредување на правата на осуденичките

Ана Ололовска

Татко спречен да го придружува своето дете: Детска клиника дискриминира, вујна и баба можат оти се женски пол

Орце Костов