Возејќи кон дома, замислен и уморен, застанав пред пешачкиот премин кај Бисер. Неколку пешаци забрзано минуваа преку улицата. Така замислен се загледав во лисјата на штотуку разеленетите дрвја. Погледот случајно ми го привлече големиот електронски часовник од мојата десна страна.
Беше поминал 22.00 часот. Добро е, си помислив. Четврток е. Сигурно веќе излегол… Последниот пешак штотуку згазна на тротоарот. Тргнав. Десетина метри потаму дадов десен жмигавец. Застанав. Излегов од возилото. Со долги и брзи чекори, како зависник кој брза да ја задоволи својата страст, се упатив кон трафиката да си купам Фокус…
Но, Фокусот го немаше… За миг застанав збунет. Чекај малку… Одеднаш, како ладен туш, во мојата преморена свест, се проби нешто уште пострашно. Не само Фокусот… Го нема ниту Никола Младенов… Боже… Сеуште не ми се верува… Или не сакам да верувам. Го нема ниту Фокусот ниту Никола Младенов… Како сега ќе легнам без да го прочитам уводникот на Никола? Како ќе легнам без да да се изнасмејам со стрипот на Јофе и Стевац поради кој, од првата, одев на последната страна? Како ќе заспијам без суровиот хумор и намерно извитоперената логика и филозофија на Нено Богдан? А текстовите и анализите на Јадранка, полни со политички цинизам? Модните и кулинарски критики и совети на Офелија која врескаше од невкусот со кој секојдневно сме опкружени?
Страшно. Тргнав назад кон колата. Случајно погледнав кон небото. Погледот повторно ми застана на дрвјата под кои поминував. Ги гледав новите, млади фиданки со зелени лисја. И само од себе ми дојде… Зајди, зајди, јасно сонце, зајди помрачи се, и ти јасна месечино, бегај удави се… Црни горо, црни сестро, двајца да црниме, ти за твојте лисја ле горо, јас за мојта младост… Твојте лисја горо сестро, пак ќе ти се вратат, мојта младост, горо ле сестро, нема да се врати… Колку само вистина има во оваа песна. Но не само младоста. И животот. Изгубениот живот. Животот на некои нам блиски луѓе, никогаш нема да се врати…
Но ние преживеаните, ние живите, ние кои и понатаму остануваме да живееме. Колку и да сме несреќни, колку и да сме тажни, колку и да жалиме. Ние живите имаме обврски. Затоа се надевам дека и тимот на Никола, на чело со неговата сопруга, но и со Јадранка, поради Никола, но и поради нив, и поради сите нас, кои со години верно ве следиме, ќе соберете сила и ќе најдете начин, во овие крајно непријателски, сурови и безмалку невозможни услови, да го продолжите делото на Никола Младенов – Големиот.
А ти Никола… Почивај во мир драг пријателе… И биди сигурен дека твојата екипа, која токму ти ја научи да преживува во вакви неразумно сурови услови, ќе успее да го продолжи твоето дело.
П.С. Кога ќе се сетам на средбите со Никола, посебно на оние кога времето беше ладно, еден од највпечатливите моменти за мене, беше неговата лутина кон оваа власт, покрај останатато и поради ограничувањето на пушењето, пушењето кое за него, барем според мене, имаше социјална димензија. Мислам дека беше бесен за секој поминат момент, кога спротивно на неговата воља, мораше да го почитува законот, скратувајќи си го задоволството да ја држи цигарата во рака. Затоа, како утеха го прифатив фактот дека, барем додека умирал, умирал со неговата голема страст, умирал држејќи ја запалената цигара во рака…
Верен читател на “Фокус“
Стојанче Ангелов