Во едно слободно-колоквијално толкување, клоцата може да се дефинира како удар со нога со намера физички да се повреди или онеспособи противникот. Ударот може да биде во било кој дел од телото – од глава до нозе. Нејзината употреба во борба може да има примарно значење – кога со клоцата се решава победникот во сопствена корист, но и секундарно – кога целта на ударот со нога е само да се држи противникот на дистанца, а решавачкиот удар да се зададе со друг дел од телото (најчесто рака). Клоцата може да биде детерминирана и од положбата на телото на противникот; така, во еден случај тој се удира додека е во исправена положба, меѓутоа може да се продолжи со негово ’тепање’ и кога ќе падне на земја. Тоа е таканаречената ’шутка’ (етимологијата на зборот е од глаголот шутира, а не од познатата скопска приградска населба), која е особено популарна во меѓусебните пресметки на навивачките групи, при што, иако противникот е соборен на земја, и понатаму се продолжува безмилосно да се шутира во глава, гради, грб, нозе… Нехуманоста на овој тип клоца е идентификувана од водачите на руските хулигански групи, така што во нивниот најнов Кодекс за тепачки тие најстрого ја забрануваат клоцата во случаји кога противникот е паднат на земја.
За клоцата да биде што поефикасна многу е важно и каков вид на обувки се носат на нозете. Патиките се многу пожелни, а најнепрепорачливо е да бидете боси бидејќи во тој случај можете и самите да се повредите, доколку ногата ви удри во потврдо. Урбаните легенди од предземјотресно Скопје говорат дека во тогашните меѓумаалкси пресметки на Чаирчани вс. Мичуринци, Водњанци вс. Дебармаалци клоцата во комбинација со шими или шпиц лакувана кондура била најефиксаниот и најубојитиот удар во прочуените тепачки. Шпиц кондура, силно забиена во дебелото месо на противникот, значела, освен моментално онеспособување на противникот, и повеќедневен проблем со седење или лежење на грб. Дури и режисерот Столе Попов ја детектирал важноста на лакуваниот шпиц чевел за успешно реализирана клоца, така што во својот славен филм за поствоено Скопје, „Среќна нова 49“, го овековечил со кадрирање во кое актерот Светозар Цветковиќ ја крева едната нога на столица како би го изгланцал и светнал чевелот, пред да ја почне пресметката со домаќините на Пемба из Ниша.
Освен со употребна вредност за улични тепачки, клоцата може да биде и култивизирана, а тоа е кога се користи како удар во боречките спортови. Било кога противникот е замислен или реален, таа е еден од основните елементи во борбата која се практикува во овие спортови. Во зависност од спортот, таа си има и соодветен назив: во традиционалното карате тоа е познатото мајагери, кое во кикбоксот се нарекува front kick (преден удар), low kick (низок удар), middle kick (среден удар) и high kick (висок удар) и е детерминирана од тоа кој дел од телото на противникот се цели.
Освен физичко онеспособување, клоцата има и значење за понижување на противникот. Тоа е таканаречената, по скопски, ’клоца у г’з’. Во овој случај, не е важно колку ударот со нога бил силен, поважен е психолошкиот ефект кој се создава кај оној кој удира, кај оној кој е удрен, но и кај околината која сето тоа го набљудува. Нема поголемо понижување за човек, кога некој ќе му удри клоца во задникот, проследена уште со сочно пцуење и марширање. Честа слика пред ноќните клубови кога вратарите не сакаат да пуштат внатре некој напорен лик, а објаснувањето „приватна забава“ не е доволно за да им се тргне од видокруг. Освен клоца во задник, има уште еден вид на клоца, која е неизоставен дел од обуката за самоодбрана на секоја припадничка на понежниот пол. Тоа е таканаречената ’клоца у јајца’, кога насилникот најефикасно се онеспособува со удар во меѓуножјето, доволно силно за тој да се превитка, а потоа да може да се продолжи да се удира со чантата по неговата глава.
Покрај физичката болка, клоцата има и свое метафорично, преносно значење, кое всушност е со посилен ефект од самиот физички удар. Тоа е ситуација кога некој се отстранува од одредена позиција или функција, па по народски не се вика бил сменет, туку добил клоца или во арго речникот на урбаната младина ’попил клоца’, што, иако е оксиморон, сепак си има и свое семантично-логичко значење, кое успешно се декодира од реципиентот дека ништо не се пиело, туку некој бил разрешен (има и ’попил шамар’, а во уличниот ’баскет три на три’ се употребува и изразот ’попил банана’ што никако не треба да асоцира на милк шеик или банана сплит). Такви примери во областа на спортот, рок музиката, филмот има на десетина, иако политиката е најподатлива со примери кога политичар добил клоца. Сталин, не само што го тргнал Троцки, туку во неговиот случај клоцата претставувала и физичка елиминација, како и ретуширање на сите фотографии со бришење на Троцки од нив. Во поранешна Југославија, најпознат пример кога еден политичар добил/попил клоца е оној за Александар Ранковиќ, тогашен министер на полиција, кого Тито го сменил во моменти на најголемата политичка моќ на Ранковиќ. Македонска рефлексија од тој период била удрената клоца на Крсте Црвенковски и триумфот на Лазар Колишевски во нивната пресметка, а пред распадот на СФРЈ најпознат случај на политичка клоца е случајот на Иван Стамболиќ, кој на фамозната Осма седница добил клоца од Слободан Милошевиќ, која, по петнаесетина години, се ефектуирала и со негово убиство. Во независна Македонија, добар пример за ’попиена’ клоца е судбината на Петар Гошев, ’шутнат’ од СДСМ, иако во тој период бил претседател на партијата.
Сепак, политичката биографија на Никола Груевски е најинтересна за анализа од аспект на политичката клоца. Неговиот контроверзен избор за претседател на ДПМНЕ, во хотелот Панорама, бил проследен со коментари како прескокнувал и бегал преку прозорецот на хотелот, додека старите ветерани на партијата го бркале за да го ’дигнат на клоци’. Подоцна, кога ја зацврстил својата позиција во партијата, Груевски решил да се пресмета со сите опоненти со тоа што тој им ’дал’ клоца. Најмаркатна била пресметката со тогаш почесниот претседател на партијата, Љубчо Георѓиевски, амбициран да се врати во партијата, а со план сѐ до тој момент Груевски да му ја чувал фотељата. Осилениот Груевски, не само што му удрил клоца на својот ментор, туку, според едно интервју на Георѓиевски, во духот на најдобрата болшевичка традиција, ги ретуширал фотографиите и ја бришел пишуваната партиска историја во која тој се споменувал како основач на партијата.
Ништо помалку болна не била и клоцата која Груевски му ја удрил на оној со кого, пред тоа, се гушкал и бакнувал на скопскиот аеродром – Љубе Бошковски. Траекторијата од ’брат Љубе’, до ставање пиштол во уста и желбата да го е… наркомани во затвор, ја покажува сета одвратност и лицемерие кое ја карактеризира технологијата на владеење на груевизмот. Кога е во прашање личниот интерес на Груевски и фамилијата, тогаш ништо не е срамно и сѐ е дозволено – од лигавење и љубов, до омраза и секаков вид на елиминација. Затоа, во праксата на владеење на Груевски клоцата не значи само брутален или перфиден начин на пресметка со политичките противници туку и отстрел на најблиските соработници и партиски членови.
Оттука, дадената оставка на Никола Груевски не треба да претставува само негова политичка демисија, острацизам или кривична одговорност, туку таа треба да има и свој метафоричен и симболичен крај. Метафоричниот крај би бил на внатрепартиски демократски избори тој да биде сменет, односно да му се удри клоца од истите оние ветерани кои тој така безмилосно ги отстранувал кога му се спротивставувале во неговото апсолутистичко владеење. Симболичниот крај би требало да биде претстава за широката јавност, спектакал, точката која би го затворила кругот на злото. Ако во арапскиот свет презирот кон омразениот политичар се искажува со гаѓање со чевел, во уметноста на авторот на лошото дело се фрлаат скапани домати, а во преданијата од народната митологија вампирот се убива со забивање на кол во срце, во нашиот случај, симболичниот крај на владеењето на Груевски би требало да биде со вистинско удирање клоца на јавна сцена, со што ќе се покаже дека и симболично дошол крај на неговото владеење и стравот на обичниот човек од таквата власт. Притоа, помалку е важно дали клоцата ќе биде мајагери, преден, низок, среден или висок удар, дали ќе биде ’пуна шпицурајка’, забиена длабоко во ректумот или само мазно ќе го ’цимне’, најважна ќе биде симболичната порака која со таквиот чин ќе се прати – готов е, навистина е готов! Таквата симболика ќе кореспондира и со демохристијанската морална вредност, втемелена во исусовата метафорична изрека: „Кој за мач се фаќа од мач ќе загине“, што, според современото толкување, значи дека оној кој живее насилно и насилно ќе заврши или кој во ропство води, во ропство ќе биде и одведен.
Егзекутор на оваа симболична пресуда може да биде било кој граѓанин кој се почувствувал за жртва на режимот на Груевски, иако вистински симбол на симболизмот би бил кога единствениот кој практикува герила новинарство против режимот и кого целата јавност го виде како добива шамар и клоца од министер на Груевски, Саше Политико, биде тој кој ќе му ја удри завршната клоца на Никола Груевски за таа клоца да ги сублимира и чевелот и скапаниот домат и колот во срце на вампирот кој цица крв. Ако пред 15-тина години македонската политичка сцена имаше демократски капацитет да прифати на јавна сцена вистинско плукање на претседателот Киро Глигоров, не гледам причина зошто и овој симболичен акт врз граѓанинот Никола Груевски не би бил толериран. Дотолку повеќе, што во овој случај станува збор за политичар со пореметени етички вредности, за кого насилието во политиката е пожелна партиска активност било кога неговите „ескадрони на смртта“ неказнето клоцаат студенти, демолираат општина или кога тој сака на својот противник да му удри пет-шест шамари. И тоа јаки. Со боксер само боксерски!
Д-р Ненад Живановски