Агенцијата за пошти утврдува многу случаи со ненавремена испорака, целосно губење или оштетување на поштенски пратки. Официјалната бројка на рекламации е мала, а причината за тоа според Агенцијата е сложената постапка за поднесување рекламации за која најавува поедноставување.
Од вкупниот обем на поштенскиот пазар кој на годишно ниво изнесува над 45 милиони пратки, до националниот оператор „Македонска пошта“ се поднесени 4.000 рекламации, што е 0,01 проценти од вкупниот обем.
– Тоа е многу незначителна бројка, но сметам дека бројот на рекламации не е соодветен показател на квалитетот. Ја утврдивме причината за малиот број рекламации во сложените постапки и процедури за поднесување рекламации и токму на тоа поле работиме. Сметам дека бројот на рекламации ќе расте како што ќе расте обемот на поштенски пратка, изјави денеска Влатко Атанасовски, директор на Агенцијата за пошти.
Тој информира дека АП работи на поедноставување на процесот за рекламација преку изготвување веб апликација која би ја користеле граѓаните кои се незадоволни од испораката на пратките. Ќе им се овозможи мрежно поврзување со операторите и изјавување рекламација, со што автоматски Агенцијата како регулатор почнува да го води тој случај, појасни Атанасовски.
Иднината на поштенскиот пазар, укажува, во секој случај е зголемувањето на обемот на интернет тргување, а тоа се пратки кои се доставуваат во национални рамки од страна на поштенските оператори, а се предмет на меѓународен поштенски сообраќај. Нормално е во зголемен број пратки да има зголемен број на рекламации и поплаки од страна на корисниците на тие услуги. Сметам дека тој сегмент на пазарот има голем потенцијал, а од наша страна како регулатор преземаме нови проекти кои би го зголемиле квалитетот на достава на пратки од меѓународен промет, посебно делот на интернет трговија, рече Атанасовски, одговарајќи на новинарски прашања на денешната отворена седница на АП.
Македонска пошта, како национален оператор кој има законски регулиран монопол за достава на пратки до 50 грама, во вкупниот поштенски сообраќај учествува со над 90 проценти во делот на обичните односно писмоносните пратки, а уделот на операторите на слободниот пазар генерално се зголемува за над 20 проценти, но исклучиво во пакетска достава.
Според Атанасовски, трендот на подигнување на рентабилноста кај националниот оператор Македонска пошта е присутен и има уште поголем бростор за напредок, со оглед на тоа дека потенцијалот на поштенскиот пазар особено во делот на доставување пакети е многу малку искористен на пазарот.
Во случај кога пратката е предмет на меѓународен поштенски сообраќај, овластена институција којашто може првично да врши отворање и утврдување на содржината на пратката е Царинската управа, а во понатамошна постапка поштенските оператори немаат овластување за отворање на пратките. Корисникот откако ќе утврди дека неговата пратка е оштетена или несоодветно испорачана има можност да реагира со рекламација кај операторот, укажуваат од Агенцијата за пошти.