Пред вечерашниот настан во Клубот на новинари сеуште е актуелен повикот до претседателот Ѓорге Иванов да присуствува на солидарната вечер посветена на новинарот Томислав Кежаровски кој сеуште е во домашен притвор поради напишан текст.
Повикот го упати новинарот Ерол Ризаов кој се повика на државничкиот мотив и доблест на претседателот.
-Претседателе, почитуван професоре на Правниот факултет и наш колега новинар, убеден сум дека не сте рамнодушни, како што тоа се доживува во јавноста и меѓу нас новинарите, што еден новинар лежи во затвор за напишан текст пред повеќе години во списание кое одамна е згаснато. Сигурно, како универзитетски професор на Правниот факултет знаете дека Кежаровски е осуден во нефер судење според закон под европските стандарди. Претседателе, должни сте, кога е во прашање угледот на државата, да се заложите да се отстрани она што ни нанесува срам во светот. Оваа пресуда на Судот во Скопје ги обиколи светските медиуми и сите медиумски асоцијации кои водат грижа за слободата на медиумите и особено печатот. Сите до еден ја осудија драконската казна за текст напишан пет години пред изречување на пресудата. На светските ранг листи за медиумските слободи во Македнија овој случај имаше влијание да се најдеме меѓу земјите каде новинари лежат затвор поради текст. Се покажа дека пресудата на Кежаровски е само последица на една повеќегодишна пресија врз медиумите што нѐ доведе на самото дно во светот и што се смета за едно од основните мерила на развојот на демократијата и човековите права, за што вие како професор имате извонредни познавања, ама како претседател на државата оваа грижа за македонската демократија и македонските медиуми отпадна од вашата работна агенда, иако тоа ни го ветивте уште при првиот избор за претседател на Република Македонија, напиша Ризаов.
Настанот е во 19 30 часот во Клубот на новинари, во рамките на конференцијата на Европската федерација на новинари, а ќе присуствуваат медиумски експерти и синдикални активисти од над 20 земји во светот.