За жал, живееме во општество во кое институциите не го вреднуваат значењето на дрвјата и парковите. Сведоци бевме кога спроти „Бристол“ се сечеа дрвја, спротивно на волјата на локалното население.
Со право центарци веруваат дека, поради нечии бизнис-интереси, некој е подготвен да им ги уништи парковите. Баш им е гајле за центарци, баш онака како што им е гајле за луѓето кои живеат во близина на „Железара“, „Окта“, „Фени“…
Како некој намерно да сака да немаме кислород, а знаеме дека тој е потребен за опстанок на живите суштества.
Сепак, одземањето „кислород“ на граѓаните на Македонија (посебно на скопјани) почна со некои други процеси, во кои ДПМНЕ има главна улога. Процеси во кои државните институции му го свртеа грбот на народот, а со срце работеа за партиите на власт.
Прв голем процес е проектот „СК 2014“. Овој проект му го уништи духот на градот, му го смени и идентитетот. Скопје беше град на солидарноста, а денеска е град во кој плоштадот потсетува на антички циркус. Мене ми личи дека ни го силуваат градот поради нечиј каприц.
Вториот голем процес е воведувањето на контра-протестите. Прв пат тоа се случи кога протестираа млади и храбри дечки, со цел да го одбранат плоштадот, а против желбата на овој режим да изгради црква на плоштадот затоа што пастирот сонувал дека треба да ја направи. И покрај присуството на полицијата, луѓето кои протестираа беа нападнати од „верници“. Тоа беше убиство на правото на протест.
Трет голем процес беше затворањето на сите големи критички медиуми. Едниствените големи критички медиуми како А1 и Фокус ги снема од медиумската сцена! Ние треба да им веруваме само на соопшетнијата од центарот за лаги и манипулации на ДПМНЕ, пренесени преку: МРТ, Канал 5, Сител, Алфа, Вечер, Нова Македонија, Република, Дневник…
„Кислородот“ му го зедоа и на скопското Кале. И таму со сила сакаа да создаваат и меѓуетнички тензии. Но, таму се судрија со партнерите од власта. Па групата контра-протестанти, наместо сендвичи, добија шлаканици и клоци. Полицијата приведуваше, но тогашниот заменик-министер на МВР ослободуваше. Тој си кажа јавно дека одговара само пред својот партиски лидер Ахмети, а не пред премиерот, оној пастирот на контра-протестантите.
„Кислородот“ му го зедоа и на Собранието. Ги истепаа и ги избркаа пратениците и новинарите. „Кислородот“ им го зедоа и на Велија и на Љубе. Откако се обидоа да го скријат убиството на Мартин Нешкоски, ниту МВР не дише нормално. „Кислородот“ му го ускратуваат на секој кој размислува поинаку од ДПМНЕ. Секој кој се осмелил да биде свој е „соросоид“, „комуњар“, странски платеник.
Поради немањето „кислород“ во оваа наша држава, луѓето се селат од неа. Околу половина милион граѓани ја напуштиле Македонија, од нив преку 220.000 си го регулирале престојот во друга држава. Некој ден ќе мора да одговараат, се надевам дека нема да ни биде доцна. Дотогаш, внимавајте што вдишувате!
Џелал Хоџиќ