Керим и Станисављева недостапни за СЈО

Од:

Некогашните први луѓе во „Медија принт Македонија“, Срѓан Керим и Јана Станисављева, два месеца се недостапни за специјалното јавно обвинителство, потврдија од таму за „Макфакс“.

Неофицијално, дознаваме дека на двајцата трагата им се губи од почетокот на октомври, односно набргу по нивниот распит во просториите на обвинителството. Според истите извори, Керим и Станисављева ја напуштиле Македонија на почетокот на октомври годинава, односно набргу по нивниот првичен распит во специјалното јавно обвинителство. Оттаму засега не побарале мерки со кои би го обезбедиле нивното присуство.

Според нашите сознанија, групата што ја истражува СЈО во предметот „Империја“ е проширена токму за предметот со стечајот на МПМ. „Макфакс“ дознава дека Срѓан Керим преку скопскиот аеродром заминал кон Виена, а неколку дена подоцна со авион заминал за Дизелдорф. Во Виена беше канцеларијата на Керим во времето кога тој директоруваше со групацијата ВАЦ за Југоисточна Европа. Тоа беше и местото каде што неофицијално требаше да биде испорачано шишето со 750 илјади евра, со кое беше фатен неговиот личен возач.

Керим, освен македонски, има хрватски пасош и поседува куќа во Опатија. На неговиот профил на „Фесјбук“ пишува дека тој живее таму, но нашите сознанија велат дека тој не е во Хрватска. Го контактиравме Керим на неговиот личен профил на „Фесјбук“, но досега тој не одговори на пораката.

И Јана Станисављева, која беше на распит во СЈО, а на јавноста ѝ стана позната по тоа што од МПМ примала месечна плата од 1,4 милион денари според менаџерскиот договор, според нашите сознанија, е надвор од државата. Според нашите извори, таа во два дена двапати ја напуштила државата. По второто излегување, повеќе не се вратила. На почетокот на октомври, Станисављева, придружувана од две машки лица, преку граничниот премин Богородица заминала за Грција. Таа со уште едно машко лице преку граничниот премин Деве Баир ја напуштила земјава. Лицето пеш се вратило во Македонија, а Станисављева со автомобилот го продолжила патувањето во непозната насока. Неофицијално, била остварена и телефонска комуникација помеѓу Станисављева и притворениот Сашо Мијалков токму за случајот „Империја“.

Нашите информации говорат дека домашна компанија од ексгаздите на МПМ побарува неколку стотици илјади евра. Фирмата, која се занимава со јавно огласување, веќе поднела и кривична пријава. Адвокатката Анита Бегова за „Макфакс“ ниту потврди ниту демантира дека во име на нејзин клиент е поднесена кривична пријава за ексгаздите на МПМ. Рече дека и кога тоа би било така, предистражната постапка е тајна.

Васко Маглешов

Би можело да ве интересира

Дел од измените на Кривичниот законик од утре стапуваат на сила: Што ќе значат за осудените ексфункционери

Александар Тодески

Судот во Стразбур ќе ја објави одлуката за поништената аболиција на Иванов

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Интервју со синот на Катица Јанева: Во пералната и фонтаната ни бараа прислушкувани разговори, мајка ми има што да каже, ќе дојде ден

Кристијан Ландов

Предистрагата за високите бонуси на поранешните специјални обвинители не мрда од „мртва точка“

Кристијан Ландов

Не се загрозува ниту еден предмет покренат од СЈО со враќањето на повторно одлучување, вели Заев

Ана Ололовска

Разрешен поротникот Сандев, четири предмети од СЈО ќе почнат од почеток

Кристијан Ландов