Во првите 30 дена од нашиот избор ќе го укинеме Изборниот законик и новиот Закон за Јавно обвинителство кој ги штити оние кои сега и оние кои во иднина ќе бидат на власт. Ќе ги заплениме системите за прислушување во сопственост на политичките партии и бизнисмени кои располагаат со вакви уреди и ќе следи кривична одговорност за нив. На нелегалното прислушување ќе ставиме крај, изјави Јове Кекеновски, носител на листа за пратеници од Коалицијата „Никогаш северна, само Македонија“ во Втората изборна единица.
Според Кекеновски, најновите аудио бомби ја потврдуваат, како што рече, неодговорноста, дволичноста, лицемерието и егоизмот на лидерите на владејачката и опозициската партија и жално е, рече, што новиот Закон за Јавно обвинителство не ги третира овие „бомби“ како докази.
-Во нормална држава, ваквите персони веднаш ќе си го добиеја своето заслужено место во некои од КПУ. Го повикуваме ЈО по службена должност врз основа на индициите да отвори претходна истражна постапка за сторени кривични дела по Член 358-а и 359 од Кривичниот законик на РМ – Давање и примање награда за противзаконито влијание, рече Кекеновски на прес-конференција денеска во центарот на Скопје
Од граѓаните побара поддршка и да се охрабрат заеднички, како што рече, „да ги казниме СДССМ, ДПСМНЕ и ДУИ, затоа што тие единствено што имаат на ум е да се менуваат на власт, да глумат крвни непријатели, а во суштина и пракса меѓусебно да се амнестирааат за сторениот криминал и невиден арамилак“.
Го прозва и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев зашто петти ден молчи за обвинувањата од сегашниот директор на Агенцијата за разузнавање дека додека тој бил нејзин директор таа не била искрена со Јавното обвинителство во истрагата за „Диво насеље“.
-Наќе Чулев е должен да одговори што тоа Агенцијата криела од Јавното обвинителство, рече Кекеновски.