Кекеновски: Груевски успеа да го избрише сето она што мирисаше на изворното ВМРО-ДПМНЕ

Од:

Професорот Кекеновски уште лани во декември го најави постоењето на некаква неформална партиска алтернатива и го повика Заев што е можно побрзо да ја објави „бомбата“. На 8 февруари беше објавена информацијата за основање Форум на слободоумни патриоти, составен главно од актуелни и поранешни членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Досега многу ретко од ВМРО-ДПМНЕ доаѓаа информации за некакво внатрешно незадоволство на членството. Ова е првпат од партијата да доаѓаат информации за постоење на некаква фракција, пишува мкд.мк во интервјуто со универзитетскиот професор Јове Кекеновски.

-Незадоволството од внатрепартиските случувања трае од поодамна, поточно од оној момент кога Груевски се обиде и успеа да го замагли, поточно избрише сето она што мирисаше и потсетуваше на изворното ВМРО-ДПМНЕ. Незадоволството почнува од оној момент кога под плаштот на подмладување на партијата се елиминираше препознатливиот зрел и докажан партиски кадар, кој ја издејствува независноста на државата и ја постави иднината. Тоа незадоволство се појави од оној момент кога сфативме дека филозофијата на раководење на новото партиско раководство се темели на барањето за клиентелистичко однесување, сервилност и беспоговорна послушност на новодонесените, задоцнето национално освестени алтернативци, сдсмовци, либералдемократи, либерали, социјалисти и други „птици“ преселници. Едноставно, незадоволството се појави кога партијата, а подоцна и државата, ја окупираа трагачите по функции и фотелји, вели Кекеновски.

– Форумот на слободоумни демократи е формиран од поодамна, а јас се приклучив кон него пред неколку дена. И морам да кажам дека сум навистина радосен од причина што тука ги сретнав вистинските патриоти, оние што сиве овие години ја помагаа и ја поддржуваа партијата, а беа елиминирани, маргинализирани и пасивизирани благодарение на политиката на ова раководство на ДПМНЕ.

Форумот е принципиелен патриотски и морален одговор на нашата сè поголема загриженост за правецот во кој се движат Република Македонија и нашата матична партија, последново во смисла на спречување на нејзината понатамошна дезидеологизација како партија со демохристијанска ориентација. Форумот ќе се спротивстави на сите понатамошни обиди и желби на сите оние што успеаја да воспостават систем без систем, односно систем по мера на индивидуалци на високи партиски и државни позиции.

Форумот на слободоумни патриоти нема да дозволи авторитаризмот и тоталитаризмот да се протуркаат како современ и елитен демократски артикл, а лаицизмот, непрофесионализмот, клиентелизмот и егоизмот да се нудат со етикетата на авангардност. Форумот најенергично се спротивставува на малоумната филозофија сиромаштијата на нашиот народ да се протурка како продукт на идејата за колективно жртвување во името на некакви „повисоки” државни интереси, а во принцип во заднината се личните интереси.

Членовите на Форумот се одважија и решија во иднина да не дозволат достоинството и слободата на сопартиецот и човекот и понатаму да се маргинализираат и иронизираат од страна на егоистични и недоволно изживеани индивидуи, туку да промовираат и да поддржуваат луѓе чиј дух е исполнет со алтруизам, милосрдие, солидарност и неизмерна грижа за следните генерации. Во своето дејствување Форумот ќе настојува да се ослободат сите политички затвореници, затворени во монтирани политички процеси (како на пример А. Диневски, Љ. Бошковски и др), но и максимална одговорност за креаторите и извршителите на овие процеси и дејства. Денес сме 2015, а не 1948 година вели Кекеновски за мкд.мк.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Единствена Македонија: На 15 јули ќе завршиме со предавствата и бандитизмот на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Кекеновски: Укинување на имунитетот на носителите на јавни функции

Ана Ололовска

Кекеновски: На државата не и требаат пратеници кои ќе стискаат зелено и црвено копче по директиви

Ана Ололовска

Кекеновски: Да се воведе кризна состојба во целата држава и да се одложат изборите

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Бачев, Кекеновски и „Тврдокорни“ со здружени сили ќе бараат гласови на изборите

Искра Манојлоска

Кекеновски: Како тоа никогаш Северна секогаш Македонија, a Мицкоски не го спречи Преспанскиот договор

Татјана Ташкова