Во казината нема да има новогодишни прослави, а објектите на членките на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа ќе бидат затворени по 22 часот ноќта на 31. декември информираат од АПИС.
„Ние сме претставници на реномирани странски компании од земји членки на ЕУ, во нашите објекти се спроведуваат сите безбедносни протоколи за заштита од ширење на вирусот и е целосно оневозможено групирањето. За време на пандемијата со “Ковид-19” имаме слух и целосно разбирање за потешкотиите со кои државните институции се соочуваат при справувањето со тешките последици од актуелната здравствена и економска криза.
Како општествено одговорни компании се ставаме во служба на јавниот интерес. Казиното „Фламинго“ – Гевгелија го отстапивме за карантин, во јавните здравствени установи дониравме болнички кревети и медицински материјали во вкупен износ од 200 илјади евра. За време на оваа криза ги задржавме сите вработени, иако оваа дејност од 15 март 2020 не работеше цели 100 дена и не остваруваше никакви приходи. Длабоко сме уверени дека ваквиот наш пристап е единствено исправен во услови на вакви предизвици за нашето општество и искрено се надеваме дека ќе помогнеме да се намалат ризиците за дополнително ширење на пандемијата. Минатиот месец во соработка со Институтот за трансфузиона медицина – Скопје, нашите вработени, кои се во добра здравствена состојба и ги исполнуваат неопходните медицински услови, учествуваа во голема хуманитарна акција за донирање крвни единици која се спроведе во нашите работни простории.
Оттука, сите членки на АПИС ќе се однесуваат согласно најновите превентивни мерки предложени од Комисијата за заразни болести, а усвоени од Владата на Република Северна Македонија. Новогодишни прослави нема да има во нашите деловни простории. Истовремено, известуваме дека нашите клубови ќе бидат затворени во периодот од 31.12.2020 од 22:00 часот до 01.01.2021 до 10:00 часот“ – се вели во соопштението од АПИС.