Специјалното јавно обвинителство нема да постапува по предметот отворен во Основноото јавно обвинителство по поднесената кривична пријава од страна на СДСМ, а против Никола Груевски за откривање на службена тајна. Станува збор за прес конференцијата на премиерот каде тој соопшти детали од употребата на Посебни истражни мерки против лидерот на опозицијата, Зоран Заев, а за време на нивната средба во кабинетот на премиерот.
Предметот се враќа во ОЈО на постапување. Според овој предмет против Груевски е поднесена кривична пријава за Злоупотреба на државна, службена или воена тајна и Злоупотреба на службена положба и овластување. Поднесени се и кривични пријави против лица вработени во Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, лица вработени во МВР Оддел за спроведување на посебни истражни мерки – Правосудна полиција и против лица вработени во Основен суд Скопје 1 Скопје Одделение за организиран криминал и корупција за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување и Оддавање службена тајна.
Вториот предмет што го отфрли обвинителството на Јанева е по повод кривична пријава против една политичка партија за кривично дело Лажно пријавување. Од таму не појаснуваат за која партија станува збор.