Указот за прогласување на закон е клучен елемент во финализирањето на постапката за негово донесување. Без потпишан указ од страна на претседателот на Републиката нема донесен закон. Без потпишан указ од претседателот на Републиката законот не може да биде објавен во Службен весник, а штом не е објавен не може да стапи на сила и не може да се применува, вели професорката по уставно право, Татјана Каракамишева.
Таа тврди дека во македонскиот уставен поредок указот не се смета само за обично формално дејствие што го прави претседателот на Републиката, туку потпишувањето на тој указ е суштествен, клучен чин за правно финализирање и заокружување на целата постапка при носењето на законот.
-Потпишувањето е чин со кој и претседателот на Републиката потврдува дека законот е во ред и дека не претставува опасност по уставниот поредок и по безбедноста на државата. Не е случајно дадено правото на претседателот на Републиката да ветира закон кој тој го смета за неквалитетен, закон со кој може сериозно да се наруши стабилноста и безбедноста на државата, уставниот поредок и слично, прашања кои се пред се во надлежност на претседателот на Републиката, вели Каракамишева.
Како што вели професорката, заштитата на националната безбедност и сигурноста на граѓаните се поважни од самата хартија на законот и заштитата на државните интереси и поредокот се најважни функции на претседателот на Републиката кој при преземањето на должноста претседател се има заколнато дека ќе го штити уставниот поредок и националната сигурност и безбедност на државата.
-Ако претседателот на Републиката цени дека со примената на еден закон може сериозно да се наруши безбедноста на уставниот поредок и да предизвика катастрофални последици по функционирањето на државата, какви последици ќе предизвика примената на законот за јазиците, тогаш претседателот мора да реагира на начин да ја спречи примената на законот, напиша Каракамишева на социјалните мрежи.
Формално-правно, Уставот го обврзува претседателот да го потпише указот за прогласување на закон доколку законот е повторно изгласан од пратениците. Исто така, Уставот не утврдува рок кога претседателот треба да го потпише указот што значи дека му се остава широк простор на декување или неделување на претседателот во насока на објавувањето на законот и неговото влегување во сила.
Претседателот Иванов во вчерашното обраќање изјави дека нема да го потпише указот за донесениот Закон за употреб на јазиците при што укажа и предупреди дека примената на овој закон може да ја дестабилизира државата и да предизвика целосна блокада на институциите со што смета дека голема е веројатноста да се отвори прашањето за редефинирање на македонското уставно уредување.
Виктор Јованов