Академикот Владо Камбовски за разлика од универзитетскиот професор Гордан Калајџиев е за префрлување на СЈО во Јавното обцинителство. Тој пред почетокот на консултациите за писмото испратено од страна на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за префрлување на предметите од СЈО во ЈО изјави дека со реформите во правосудниот систем Обвинителството ќе се оспособи ефикасно да го гони криминалот и високата корупција.
-СЈО ја одигра својата улога во еден транзициски период и отвори смело многу предмети – сега со реформите во правосудниот систем, Обвинителството се оспособува ефикасно да го гони криминалот и високата корпуција“, рече Камбовски.
Тој додава дека и кога се формираше Специјалното јавно обвинителство, имало временски рок до кога законски може да функционира.
„Мандатот на СЈО можеше да се продолжи доколку наследникот на Јанева се избереше три месеци пред истекот на нејзиниот мандат. Но, тоа не се направи затоа што се планираше токму Јанева да го продолжи мандатот. Кога тоа не се случи, а Јанева е приведена, со истекот на нејзиниот мандат на 15 септември, ќе се попречи работата на СЈО, затоа што според Законот за СЈО, само таа може да делегира и одзема овластувања на обвинителите во СЈО“.
„ Државниот јавен обвинител има овластување според уставната поставеност на Јавното обвинителство која е заснована на хиерархиска субординираност, да презема предмети од други обвинителства. Тоа решение треба да се реализира и според мое мислење предметите треба да се доделат на обвинителите од СЈО“, рече Камбовски.