Камбовски: Македонците најдобро ја разбираат тажната судбина на Евреите

Од:

Депортацијата на макеоднските Евреи, и денес по толку години, тежи и пече колку болката за поништените животи, толку и грозомората на сознанието дека човековиот ум може да создаде таков злосторнички план за масовно уништување, да создаде егзекутивен систем и да го блокира можниот отпор на неговото спроведување. Македонскиот народ најдобро ја разбира тажната судбина на Евреите затоа што и самиот имал и има сличен историски искус – да биде објект на биолошки и национално-културен геноцид.

Ова денеска го истакна претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) академик Владо Камбовски на научниот собир посветен на 70-годишнината од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во нацистичкиот логор Треблинка.

Со грозоморниот чин, како што рече, од македонското ткиво беше откинат еден длабоко всаден корен на мултикултурниот живот во балканските простори, во кои со милениуми опстојувале и се испреплетувале различни народи, раси, култури, јазици, обичаи.

– Недопуштено е какво било оправдување или забошотување на злоделата извршени спрема македонските Евреи. Она што запрепастува и истовремено заплашува е фактот дека несреќнат судбина на македонските Евреи е плод на деструкцијата на самата држава и на нејзиното претворање во инструмент за сотварување на злосторнички планови на налудничави луѓе кои ги држат во свои раце механизмите на власта, рече Камбовски.

Според него, споменот на прогонетите македонски Евреи е актуелен и жив, како парадигма на зло, кое не е обично и за кое не е доволно постоење, забрани и казни за сторителите.

– Само длабоки промени на современето општество, ориентирани кон човекот и неговите вредности како највисока цел, кон мир, слобода, правда, толеранција и почит на сите индивудални и колективни права и нивна еднаквост и гаранции за нивното почитуавње од страна на демократската правна држава, можат да доведат не само до елиминирање на самото зло, туку и на вековно вкоренетиот страв од него и од неговата моќ кога се претвора во државен систем и политика, рече Камбовски.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски рече дека денеска се потсетуваме колку жртви може да однесе нетолеранцијата и расизмот. Додаде дека ова најголемо историско зло не смее никогаш не смее да се повтори.

– Македонија и Израел се две географски далечни, но пријателски блиски земји. Македонскиот и еврејскиот народ се два библиски народа. И македонскиот народ доживеа и сега во 21 век доживува историски и цивилизациски неправди. Македонксиот народ длабоко сочувствува со еврејскиот и знае што значи голготата на потрагата по вистината, рече Стојковски.

Минатото не може да се заборави, нагласи тој, не може ниту да се менува, не може да се избрише, но треба да се постави во историјата на вистинското место.

– Република Македонија денес е единствената држава која иако со ништо не учествуваше во трагедијата на нашите сограѓани Евреи во земјата, уште еднаш ја покажа својата државничка и цивилизациска зрелост и внесе во Законот за денационализација посебна одредба која ги третира имотите на Евреите кои беа депортирани и убиени во логорот Треблинка, рече Стојковски.

Претседателот на Управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија Лилјана Мизрахи посочи дека Евреите од Македонија си ја знаат и судбата и вистината за холокаустот.

– Вистината им е позната и на историјата и на историчарите. Таа е една, забележана во бројни сведоштва, во документи, филмувани материјали и други докази кои се чуваат во архивите достапни или недостапни, но кои полека, но сигурно, еден по еден, ќе ја здогледаат светлината на денот заради покој на душите на „дадените“ за потребите на исполнување од страна на пронацистичкиот режим на Царска Бугарија и прифатените нечовечки концепции на Третиот Рајх од Ванзе конференцијата од 1942 година и конечно решавање на еврејското прашање, рече Мизрахи.

Таа нагласи дека генерацијата која го преживеала холокаустот полека заминува, сведоците заминуваат, но, како што рече, новите генерации на Еврејската заедница во Република Македонија не забораваат.

– Тие не можат да го заборават лелекот на своите родители, баби и дедовци кога по војната беа донесени три ќесички со човечка пепел од Треблинка. Кој би знаел чија е таа пепел, но самиот факт дека е таа човечка во секој од нив го разбуди сеќавањето за своите најблиски, својот непребол, своето минато и нивната насилно запрена иднина. Тие имаа само еден грев-беа Евреи, рече Мизрахи.

Според неа, нема оправдување, ниту може да го има. – Нема заборав, ниту било кој од нас има право да заборави. Не смее да се заборави за да не се повтори никому и никаде, рече Мизрахи.

Во МАНУ денеска беше промовирана книгата „Движењето на отпорот и Евреите од Македонија“ од Жамила-Анџела Колономос. Сите заинтересирани книгата можат да ја набават во Меморијалниот центар на холокаустот на македонските Евреи.

Би можело да ве интересира

Во Скопје се одбележуваат 81 година од депортирањето на македонските Евреи

Во Штип се одбележаа 81 година од депортацијата на Евреите во логорот на смртта „Треблинка“

(ВИДЕО) 60 лица се уапсени откако толпа упадна на аеродром во Русија и бараa Евреи

Горан Наумовски

Еврејската заедница ќе го одбележи Јом Хашоа – Националниот комеморативен ден на Израел

Ана Ололовска

Десница: Длабока почит кон македонските Евреи

Ана Ололовска

Поворка на живите од Музејот на Град Скопје до Монопол-Империјал Тобако по повод 80-годишнината од Холокаустот на македонските Евреи

Ана Ололовска