Тешко дека сме земја на виното како што постојано се сугерира во медиумите и од политиката. Напротив, ние смe вински игнорaнти, кои многу малку знаат за сопствената култура посадена на триесеттина илјади хектари која создава најмалку 60 милиони евра, а од тоа живеат 8.000 македонски семејства
Пишува: Александар Шољаковски
Колку се разбираме во виното? Французите, кои важат за светски водечка винска земја, во една скорешна анкета се изјаснуваат за сопствената упатеност во виното. Во 71 отсто случаи испитаниците на магазинот „Земја на вината“ одговараат дека не се разбираат, а од нив 43 отсто велат дека воопшто не се упатени во виното. Само 23 отсто сметаат дека доста се разбираат во винската област, а само 3 проценти од нив велат дека многу се разбираат. Оваа анкета е зачудувачка за земјата во која виното и гастрономијата како неразделни, се дел од севкупната култура и начин на живеење, каде винската индустрија претставува втора извозна гранка (после авиоиндустријата) и во неа директно има близу 600.000 вработени. Во Франција се пијат 3 милијарди литри вино годишно, во Македонија десетина милиони литри. Во Франција насекаде се зборува за виното, постојат и посебни телевизиски канали посветени исклучиво на оваа област, нема сериозен весник или магазин кој нема винска рубрика, прилог, винска критика, а категоријата и рејтингот на рестораните се создава според винската листа. Но, оваа анкета ја покажува и комплексноста на тоа што е познавање на виното, па, така, се смета дека елементарната информираност не значи и познавање на виното.
Како е тоа кај нас? Споредбите со Французите се можеби несмасни во овој случај, но тоа е направено само за да се покаже дискрепанцата помеѓу она што се наши желби и реалните состојби. Кај нас сите се стручни за сè, како за спортот, политиката и било што друго, така и за виното, па ќе се јават многумина кои ќе ви кажат дека „нашето вино е најдобро на светот“, исто како и нашато сирење и многу други работи. Ќе ви кажат „леле вујко ми какво вино прави. Ни шампањско не му е рамно“ или „дедо ми има комињак прва лига.“ Во сите случаи тоа не е точно, заблудата е комплетна и штетна во контекстот на желбата за унапредување на оваа област.
БИК ВО ВИНО
Заблудите за виното и винската култура кај нас се бројни и големи. Поместувам овде една автентична случка од пред десетина години. Во Скопје, во ресторанот Маракана, се одвиваше презентација на вината на „Торес“, голема и значајна шпанска и светска фирма. Едно од најпопуларните нивни вина е Сангре де торо (биковска крв). Беа собрани претставници на скоро сите редакции. Интересот за овие настани е секогаш голем. Ем пијачка без пари, ем и мезе со неа. Не е битно што во медиумот за настанот ќе излезе некоја незначајна белешка која воопшто и не морало да се помести.
Откако заврши претставувањето на вината, на шпанската презентерка на „Торес“, која мошне професионално зборуваше за нивните вина ѝ пријде еден наш колега и ја запраша дали е точно дека Сангре де торо се прави на тој начин што во базен или танк со вино се потопува свежо заклан бик! (Можеби некој стардалник од корида!?) И се остава така да отстои некое време заедно со виното. Презентерката му рече дека за такво нешто не чула, но нашиот колега беше мошне упорен да ѝ докаже дека е тоа така и дека тој тоа го прочитал некаде. Не ја следев расправата докрај зашто во тој момент, што се вели, „туѓа срамота ме изеде“. Само прашав: „А, што се прави кога на коридата бикот ќе победи?“
ВНИМАВАЈТЕ СО КОМПЛИМЕНТИТЕ
Можеби овој настан е нешто како случаен испад, но е мошне сликовит за состојбата и медиумската претстава која се создава за виното и случувањата околу него.
На пример, на новинарите, посебно на водителите на ток-шоу програмите, им е омилена досетката, кога сакаат некому да направат комплимент, на некоја јавна личност, актер, пејач или уметник, да му кажат- „вие сте како виното“. Демек, колку постари толку подобри. Ова тврдење е сосема неточно. Во светот речиси 90 отсто од виното се прави за да се испие првата година по ставањето во шише. Само десетина проценти од вината имаат претензија (со правилно чување) да потраат некоја година повеќе. Црвените вина траат нешто подолго, а само некој мал процент, еден до два, се вината кои можат да издржат десет, петнаесет или повеќе години и во тек на времето да се подобруваат. Со такви вина обичните смртници не доаѓаат во контакт. Затоа, комплиментот би можел да значи и тоа дека со годините некој станува – кисел, расипан, блуткав!
ИЗДАНИЈА И МЕДИУМИ
Во Македонија нема ниеден весник кој има постојана рубрика за вино. Првата страница за вино ја отвори сега згаснатиот магазин Актуел и тоа траеше пет години. Потоа, Нова Македонија преку пет години објавуваше страница за вино и храна, а една година постоеше таква страница и во Вест. Едно време еден од нашите најинвентивни енолози, Горан Миланов, пишуваше за Форум. Се појави една амбициозна ревија WineMK, но и таа згасна и остана само електронската верзија. Тоа би бил скромниот публицистички рапорт за третманот на виното во медиумите кај нас.
За виното се пишува поводно, најчесто за Свети Трифун, односно Свети Валентин. Една медиумска куќа секоја година го вади скоро истиот прилог за ова намена, во кој се повторуваат елементарни грешки.
Неинформираноста го чини своето. Кај нас, заради таа лоша информираност, виното се пие или престудено или претопло. На пример, упатството за тоа дека црвеното вино треба да се пие на собна температура е сфатено буквално, па така се пие на 22 степени што е недозволиво зашто претоплото вино ги губи својствата. Терминот „собна“ е термин од 19 век кога становите не се грееле повеќе од 18 степени. Ова го посочувам со цел да се прикаже колку е потребна таа едукација преку медиумите која кај нас изостанува.
(Продолжува – вториот и последен дел од текстот утре)
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (