Како Марјан Ѓорчев стана Неговата Екселенција?

Од:

Дали сè уште некој се сеќава на бомбастично најавуваните во медиуми владини огласи, во кои на јавен конкурс се повикуваа да се пријават кандидати за раководители на сектори во министерства, директори на јавни претпријатија, членови на управни и надзорни одбори, амбасадори..!? Последниот таков оглас беше објавен, некаде, во април 2014 година…

Пролог

Иако знаев дека немам никакви шанси да бидам избран за било која позиција од огласените, и покрај тоа што за многу од нив ги исполнував условите, сепак, од љубопитност да дознам до која фаза од селекцијата ќе поминам и начинот на кој ќе ми биде кажано дека сум одбиен, решив да се пријавам на конкурсот за амбасадор на РМ во Република Бугарија, објавен на сајтот на Влада на РМ, во април 2014 год. Е-формуларот го пополнив и испратив. Почнаа денови на исчекување дали ќе ја поминам предселекцијата и ќе бидам повикан на разговор. Во тој момент не можев и да претпоставам во каков театар на апсурд ќе бидам вовлечен да играм.

Чин Први

Некаде во средината на јуни 2014., љубезен женски глас, кој се претстави дека се јавува од Влада, ме извести дека треба да дојдам следниот ден на интервју во просториите на Владата, а во врска со мојата апликација за амбасадор во Софија. Утредента, додека чекав во еден од ходниците на владината зграда да бидам повикан на разговор, имав можност да се запознам и со останатите кандидати за идни амбасадори на РМ ширум светот, сите до еден пријавени на јавниот оглас на Владата. Дел од нив млади, убави, имав впечаток како уште и дипломите за завршени студии да не им била врачена, а, ете, веќе се желни да ја претставуваат Македонија во Канада, Стразбур, Берлин, Бразил. Другите кандидати, длабоко навлезени во петтата деценија од животот, очајни што сè уште не успеале да најдат постојано вработување, исто така, беа со ништо помали амбиции, туку да градат амбасадорска кариера. И за нив атрактивни дестинации беа оние во Западна Европа и прекуокеанските земји. Иако, стратешки, бев во предност уште во старт, бидејќи, како единствен кандидат, немав конкуренција за мојата Софија, сепак, во тој момент, се чувствував некако второ класно и декласирано со желбата да бидам амбасадор во Бугарија.

Разговорите на комисијата со секој кандидат траеа по 15-тина минути, така што бргу дојде редот и на мене да бидам повикан да влезам во салата каде беше комисијата. Првиот впечаток ми беше, како да се материјализирала сликата на Де Винчи, Тајна вечера: голема и долга маса, позади која седеа повеќе членови на комисијата, како некакви апостоли. Моето место беше резервирано од другата страна на масата, сам наспроти сите. Почнуваат членовите на комисијата да се претставуваат: советник на Премиерот за надворешна политика, советнк на Министерот за надворешни работи, советник во Министерството за надворешни работи… И така, сè по ред, советници до последниот, иако, според изгледот, најголемиот дел од нив како да ја немале поминато триесеттата година од животот. Какво професионално и животно искуство имаат „деца“ на оваа возраст за да можат да бидат советници и тоа, ни повеќе, ни помалку, туку на премиер и министер. Лицата на некои од нив ми се чинеа познати – ги имав видено на телевизија, на предизборните митинзи на ДПМНЕ, како членови на Унијата на млади сили. Она што беше воочливо на прв поглед, покрај нивната младост, беше дека на сите до еден брадите им беа избричени контра до ’гола’ кожа, лицата бели и мазни како на свадбарски невести, а веѓите ’чупани’ и истенчени како опавче од глувче. На масата пред секој од нив беа наредени, таканаречените, ’педеруши’, што сè заедно целосно ми ја разби традиционалната слика за вистински расниот вмровец – наместо густа брада и споени гајтан веѓи, ала Питу Гули, ова беа средени, по малку и феминизирани, метросексуалци. Очигледно времето кога на гради се ставале реденици фишеци, а во појас се заденувале револвер и кама, ги замениле ’педеруши’ наполнети со пудри, креми, дневни и ноќни маски и чупалици. Им недостасуваше само уште ботокс во усните.

Интервјуто беше започнато со вообичаени прашања: бараат од мене да се претставам кој сум, какво образование имам, како мислам да ги подобрам односите помеѓу Македонија и Бугарија, како би го решил проблемот со македонското малцинство во Бугарија, што мислам за бугарското малцинство во Македонија!? Таман се бев опуштил за разговор, кога (веројатно) претседателот на Комисијата ми се заблагодарува за времето и дава знак да се повика следниот кандидат. Иако бев свесен дека шансите да бидам избран за амбасадор ми се никакви, сепак се решив, по секоја цена, да оставам печат на моето доаѓање, само да не бидам сметан за еден во низата. Притоа, дали впечатокот ќе биде позитивен или негативен не ми беше толку важно – најлошо беше да се остане незабележан меѓу армијата кандидати повикани за разговор.

Пред да си заминам, и се обратив на комисијата со прашање дали можам да го кажам мојот впечаток за разговорот. Изненадени што сè уште сум тука, неколкумина од нив, во исто време, ми дадоа потврден одговор.

„Мислам дека вие разговоров за работа го водевте баш школски, како по учебник“.
Веројатно сметајќи го овој мој коментар за комплимент, со насмевка почнаа со главите да потврдуваат, а некој од нив и ми одовори:

„Да, да, се трудиме на сите кандидати да им дадеме подеднаква шанса и исто време“. Јас продолжив: „Меѓутоа, во тој учебник има уште една лекција, која комисијата, во мојов случај, ја прескокна“.

Сега веќе непријатно изненадени, сите ги подигнаа главите и вчудоневидено погледнаа во мене, исчекувајќи што ќе кажам следно. Продолжувам: „Во учебникот последна е лекцијата во која на кандидатот за работно место му се дава можност и тој да ѝ се обрати на комисијата и да ѝ постави прашање“. Само што ја бев завршил реченицата, повторно сите во еден глас почнаа да ми се извинуваат што заборавиле на тоа и веднаш почнаа да ме прашуваат дали имам некое прашање јас за нив.

„Имам, и тоа две прашања. Првото ми е дали тоа што не сум партиски определен и што по никоја цена немам намера да земам членска книшка, ми е предност или хендикеп при избор за амбасадор на РМ во Бугарија“?

Еден од членовите на комисијата, од оние препознаени млади лавовои од телевизија, со очигледна нервоза од прашањето, што тој, можеи, го протолкувал и како моја провокација, ми се обрати со против прашање: „А, дали некој од нас воопшто ве праша дали партиски сте определени и дали имате членска книшка?!“. „Не ме прашавте, но, бидејќи не живеам под стаклено ѕвоно и знам каков нѝ е општествениот амбиент, затоа јас ве прашувам, за да си ги утврдам шансите“.

Веќе непријатната атмосфера, се обиде да ја релаксира најстариот член на комисијата, претставник на МНР. „Партиското членство воопшто не е важно при изборот на амабсадор. Тоа беше и идејата на премиерот Груевски, да се селектираат најдобрите кандидати надвор од МНР за да видиме колку квалитетни луѓе има во државата, а не биле во можност да дојдат до израз“.

Се заблагодарив на одговорот и продолжив со второто прашање: „Колку има вистина во она што се зборува во чаршијата дека изборот за амбасадор на РМ во Бугарија е веќе завршена работа и дека тоа ќе биде Марјан Ѓорчев, а овие конкурси и разговори се само формалност?“. (Потсетување: овој разговорот е воден во јуни 2014.).

Тонч! Целосен молк меѓу членовите на комисијата, кој, иако траеше само неколку секунди, поради настанатата непријатност од прашањето, имаше тежина како да е дел од вечноста. Никој не одговараше, сè додека (веројатно) претседателот на комисијата, оној со ’чупаните’ веѓи и мазното лице, конечно, не ми се обрати:
„Од каде ви е тоа созание? Прв пат го слушам ова од вас. Тоа воопшто не е точно! Јас колку што знам, Марјан Ѓорчев воопшто и не се пријавил на конкурсов за амбасадор во Бугарија, така што тоа е најобична шпекулација“.

Се заблагодарив на одговорот и си заминав.

(За веродостојност на напишаново може да посведочи записникот од разговорот, кој, за цело време, го водеше една млада дама).

Чин Втори

Некаде во средина на септември 2014 година, нов повик од Влада за да ме известат дека сум ја поминал претходната селекција и дека сум влезен во потесен избор. Под итно ме викаат утредента да дојдам на разговор во Влада. И на вториов разговор, сите поминати кандидати од првиот круг за различни дипломатски претставништва, повторно бевме собрани на куп и чекавме да почнат разговорите. Конечно, по три часа доцнење на комисијата, почнаа прозивките. Овој пат, првиот повикан бев јас.

Влегов во салата и повторно идентична слика – голема маса, позади која седеа членовите на комисијата, овој пат во друг состав; препознав две познати лица, она на министерот за надворешни работи Никола Поповски и директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Виктор Мизо. Додека другите членови молчеа, Министерот ме прашува што мислам која ми е предност во однос на останатите кандидати, а кој ми е недостаток? Одговорив дека предност ми е тоа што последните осум години ги имам живеено во Бугарија, таму сум ги завршил магистерските студии, таму сум докторирал и тоа на тема од македонско-буарските односи, дека имам веќе воспоставено добри контакти со дел од тамошната академско-интелектуална средина, контакти кои му се неопходни на секој амабсадор, а кои на мене ќе ми овозможат уште од старт да бидам во предност во однос на некој друг кандидат, кој допрва би требало да ја прави таа мрежа. За недостаток, одговорив, сметам дека ми е што немав практично дипломатско искуство. Министерот, имплицитно, ме охрабри со појаснување дека за избраниот амбасадор е предвидена подготвителна обука на Дипломатската Академија, така што оној кој ќе биде избран би имал доволно време за да биде соодветно обучен и подготвен. На заминување прашав кога би можеле да се очекуваат резултатите од изборот, на што Министерот ми одговори: „За 15-тина дена, независно каков биде исходот, сигурно ќе бидете известени“.
(И за овој разговор се водеше записник од страна на една млада и симпатична дама).

Епилог

Од тој ден во септември 2014 година, до денес немам добиено никакво известување за резултатите од мојата пријава и интервјуто. Сепак, деновиве, индиректно, го дознав исходот, т.е. дека не сум избран за амбасадор, преку сведочењето пред Собраниската комисија, на идниот амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев. Иако, воопшто, не бев изненаден од таквиот избор, сепак целата оваа фарса и лакрдија од глумење, кобаеги, транспарентен и фер избор, си има и свои правно-морални последици, како резултат на непочитување на процедурата при избор на Ѓорчев, а што ја компромитира неговата амбасадорска функција уште на старт. Имено, кога бил објавен огласот од Влада, јасно било предочено дека кандидатите можеле да се пријават на два начина: на интерниот оглас во МНР, каде требале да се јават професионални дипломати и на јавниот оглас на Владата, на кој можеле да се јават сите останати кои сметале дека ги исполнуваат условите. Трет оглас немаше. Како што сум запознаен, на денот на објавување на огласот, во април 2014., Марјан Ѓорев не бил во работен однос во МНР. Исто така, и според тврдењето на претседателот на комисијата од првиот разговор, Марјан Ѓорчев воопшто не се пријавил на јавниот оглас на Владата, што може и практично да се потврди бидејќи на двата термина за разговори, и за неколкуте часови чекање, тој воопшто не се појави на разговор со комисијата.

Како тогаш Марјан Ѓорев бил избран за амбасадор? Партиската припадност и членската книшка биле пресудни!? Тешко и во тоа да се поверува, ако се суди според гласините од ДПМНЕ дека меѓу членството на партијата Марјан Ѓорчев важел за доста антипатичен член. Него никој не можел да го поддржи од партијата. И покрај тоа, добро пливал – на времето бил избран за градоначалник на Општина Кисела Вода, сега за амбасадор, на општо негодување во партијата. Меѓутоа, има претпоставки дека Груевски чувствувал некаков долг кон него и само тој му ги обезбедеувал овие функции, по неуспехот на Ѓорчев да биде избран за претседател на ДПМНЕ, како противкандидат на Груевски.

Како и да е, Марјан Ѓорчев е избран за амбасадор во Софија, но еден светол ден, кога ќе дојде слобода во нашата држава и институциите конечно ќе бидат ослободени од волунтаризмот и јавашлукот на оваа мала група „богом дани“ политичари, избраниот и оној кој го избрал ќе мораат да одговорат на прашањето како била спроведена процедурата за избор на амабсадор во Софија. За почеток, на јавноста ќе мораат да ѝ го покажат пополнетиот формулар за пријавување на огласот, како и записникот од разговорите кои ги водел кандидатот Марјан Ѓорчев со комисиите (секако, не антидатирани). Сè додека тоа не се случи, ословувањето на Марјан Ѓорчев со Неговата Екселенција, во Софија ќе мораат да го зимаат со резерва.

Тривија

Сето погоре напишано за Марјан Ѓорчев важи и за новиот амбасадор на РМ во Бразил, Ивица Боцевски. Неговата политиканска траекторија, од критичар на Груевски до негов подлизурко, не ми е познато во која фаза била во април 2014., за да можам со сигурност да тврдам дека тој (не) се пријавил на јавниот оглас за амбасадор на РМ во Бразил. Но факт е дека и ова лице воопшто не беше забележано да се појави на разговорите со комисиите. Исто така, и неговата омиленост во владеачката партија била на истото ниво со онаа на Марјан Ѓорчев. Затоа и пријавниот формулар на Боцевски и записникот од неговите разговори мораат да ѝ бидат ставени на увид на јавноста, за сите кандидати, кои бевме вовлечени како актери во овој театар на апсурдот, во режија на Владата, да се увериме дека не сме биле само статисти во представата, односно, како милуваат од дпмневската власт да кажат, дека сè било согласно Уставот и законите!

Д-р Ненад Живановски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска