Oд ослободувањето до денес функцијата на Јавен обвинител на Република Македонија ја извршувале 15 јавни обвинители. Кој ќе биде шеснаесеттиот се уште не се знае. Премиерот Зоран Заев ветува дека тоа ќе биде стручно лице. Два пати побара од Марко Зврлевски да си даде оставка, за да почнат можеби најтешките, но најпотребни реформи, оние во правосудството. Но, досега Зврлевски молчи, а Владата ја започна процедурата за негово разрешување.
Во Законот за јавното обвинителство во делот за престанок на функцијата и разрешување на јавните обвинители, предвидено е дека јавниот обвинител се разрешува по предлог на Владата на РМ.
Законот вели дека Владата на Република Македонија, по претходно мислење од Советот на јавни обвинители на Република Македонија, до Собранието на Република Македонија поднесува предлог за разрешување на јавниот обвинител.
Јавниот обвинител на Република Македонија, се разрешува од функцијата јавен обвинител пред истекот на мандатот:
– поради незаконито, ненавремено или недоволно стручно вршење на функцијата,
– ако со своето однесување и дејствување покажува дека не е способен за извршување на функцијата,
– ако не поднесува барање за покренување на кривична постапка за случаи предвидени со закон и
– поради нарушување на угледот на функцијата.
Владата предлогот го доставува до Советот на јавни обвинители, кој е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот, до Владата на Република Македонија да достави образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма. Денеска претседателот на Советот, Петар Аневски имаше само пофални зборови за Зврлевски, но сепак одлуката ја носи мнозинството од членовите на Советот.
Ако Советот на јавни обвинители во определениот рок не достави мислење до Владата на Република Македонија, предвидениот рок се продолжува уште за 15 дена. Ако и во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека не го поддржува предлогот на Владата на Република Македонија.
Во однос на именувањето на јавниот обвинител, во членот 40 од Законот за јавното обвинителство се пропишува дека јавниот обвинител на Република Македонија, по предлог на Владата на Република Македонија, го именува Собранието на Република Македонија за време од шест години со право на повторно именување.
Условите што треба да бидат исполнети за едно лице да стане Јавен обвинител на Република Македонија се да биде работоспособен државјанин на Република Македонија со општа здравствена способност, кој активно го владее македонскиот јазик, има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник со положен правосуден испит во Република Македонија, како и работно искуство од најмалку осум години по положениот правосуден испит, со потврдени резултати на правни работи, односно е редовен / вонреден универзитетски професор кој предава повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика.