Вештото лице Неџат Муриќ, дипломиран форензичар во областа на балистиката, вработен во крим техниката при МВР на денешното рочиште за Монструм ги произнесе наодите од вештачењето за чаурите и проектилите кои се пронајдени кај Смилковското езеро.
Форензичарот Муриќ истакна дека во МВР се донесени 21 чаура 8 испукани проектили и 2 делови од проектили.
Од извршените микроскопски анализи е утврдено дека 13 чаури се од муниција со калибар 7,62×39 милиметри кои одговараат на рускиот автомат АК-47 познат како Калашников, додека пак 8нод чаурите се од муниција со калибар 9 милиметри од пиштолот познат како долга деветка.
Исто така, како што вели Муриќ од извршената микроскопска анализа на примероците, 11 од 13 испукани чаури се од една пушка додека пак останатите 2 чаури се испукани од друго огнено оружје од истиот вид АК-47.
Вештото лице истакна дека за истрага во МВР се донесени само овие примероци, но не и самите огнени оружја.
Муриќ истакна дека на фармата на обвинетиот Фејзи Азири во Белимбегово биле пронајдени 53 испалени чаури со истиот калибар 7,62×39.
На денешното рочиште за Монструм 6 вештаци ќе ги произнесат наодите од своето вештачење од различни области поврзани со петкратното убиство кај Смилковско езеро.
Виктор Јованов