Каде погреши Груевски?

Од:

По испорачувањето на условите од страна на здружената опозиција, за многумина очекувано, а од страна на провладините медиуми и најавувано, Извршниот комитет на владеачката партија a priori ги отфрли сите барања. Онака, во сталинистички дух, најверојатно водени од максимата „На избори не е важно кој гласа, туку кој брои”, „Советот на мудрите” одлучил дека ќе оди до крај. Но против кого? Против својот народ?!

На сите нам ни е јасно дека на 24-ти декември, на оној „црн понеделник”, демократијата во Република Македонија згасна. Кога грубо ќе го прекршите Уставот, Деловникот на Собранието (донесен од актуелната власт без присуство на опозицијата) и редица закони кои ги регулираат правата на народните избраници, повеќе не можете да говорите за демократија, можете да говорите само за режим, за диктатура! Тука е првата грешка на Груевски. Посредно се осуди да крене рака на 370.000 македонски граѓани! Токму затоа е легитимно барањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори.

А, од што толку се плаши човекот? Зарем толку е страшно да се усвојат нови изборни правила? Правила кои ќе отстранат недостатоци нотирани во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР, а не некаква си пуста желба на опозицијата. Правила кои само можат да го подобрат изборниот процес. Но, некој како да стравува од фер игра? Некој како да се плаши дека може да остане со ’кратки ракави’ доколку учествува на натпревар каде победникот не е решен уште пред да започне натпреварот? Тука лежи втората грешка на Груевски. Мисли дека со козметички измени на Изборниот законик, протнати на мала врата во очи на доаѓањето на еврокомесарот Филе во Македонија, ќе нé убеди дека обезбедил правила за фер изборна борба. Господине Груевски, знам дека нашиот народ вели „Стравот лозјето го чува”, но нашиот народ, исто така, вели дека „На мака се познаваат јунаците”. Па така, бидете јунак барем еднаш во животот. Прифатете изборен натпревар во кој победникот ќе го одлучи народот на кој цело време се повикувате.

Едно од барањата на опозицијата околу кое се крена многу прав последниве неколку денови, беше барањето за консензуално назначени министри за правда, внатрешни работи и финансии. За почеток, опозицијата не побара да именува министри во споменатите ресори од своите редови. Опозицијата побара да се седне на маса и да се разговара за решенија кои би ги задоволиле двете страни. Ова барање можеби ќе беше нелегитимно во услови на нормална функционална парламентарна демократија. Но, кога ќе го погазите достоинството на законодавниот дом кој има уставна надлежност да ја контролира работата на Владата, кога ќе дозволите контролираните да кумуваат на тепањето и исфрлањето на оние кои треба да контролираат, тогаш можеме да говориме за сé освен за функционална демократија. Зарем е нелегитимно да барате промена на министер од чија „кујна” произлегоа козметички измени на Изборниот законик, со кои, замислете, функционер кој ќе ја злоупотреби својата функција за време на изборна кампања, ќе биде казнет со дури 1000 евра?! Зарем е нелегитимно да барате промена на министри кои задоволно ликуваат и даваат наредби на своите подредени да побрзаат со исфрлањето на политичките противници од храмот на демократијата?! Легитимно е. И тоа како е легитимно, па бога ми и задолжително! И тука лежи третата грешка на Груевски, што мисли дека тој и неговите најблиски соработници можат да се стават над Уставот и над законите во Република Македонија.

Не е страшно да се греши. Барем не кога е тоа ненамерно. Како што не е страшно ни да се греши кога се работи искрено и вистински за благосостојбата на својот народ и својата држава. Но кога целта на работењето е обезбедувње на вкусни плодови и комодитет за одредена затворена група на луѓе, тогаш грешките скапо се плаќаат…тогаш „Ѓаволот доаѓа по своето”…

p.s. Денес е Стара Нова година, Василица. Нека Ви е среќна и бериќетна! Ако досега не сте двоеле парче од лепчето за државата, ви сугерирам да одвоите и да посакувате таму да биде паричката за годинава да ни биде пресвртна на подобро, бидејќи зa државата се работи!

 

Иван Стефановски

Авторот е магистар по Уставно право

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска