ВИДЕО: Јовановски осуден на девет години, Јанева на седум години казна затвор за „Рекет“

Од:

Судот донесе пресуда за предметот „Рекет“ и го осуди Бојан Јовановски-Боки 13 на 9 години затвор, додека на Катица Јанева и одреди 7 години затвор. Судијката Васка Николовска-Масевска кажа дека судечкиот совет ги ценел сите олеснителни и отежителни околности на сега осудените.

Во судската сала присутен беше Јовановски, но не и Јанева, која претходно до судот доставила барање за да не биде спроведувана од нејзиниот дом каде издржува мерка куќен притвор.

„Виновни се затоа што во периодот од ноември 2018 година до април 2019 година, обвинетиот Бојан Јовановски со искористување на своето влијание над Катица Јанева која е јавен обвинител во СЈО, преку претходни пријателски односи, влијаел да му се одреди поблага мерка куќен притвор, а притворот бил предложен и одобрен, да му се укине мерката претпазливост, да биде заштитен сведок. Во ова учествувал и осудениот Зоран Милески-Кичеец со договарање на средби. За посредувањето добиле 1.5 милиони евра“, рече Масевска.

Судијката објасни дека Јанева за себе прибавила предмети и пари, со незаконското постапување како прв човек на Специјалното јавно обвинителство.

„Катица Јанева го прифатила влијанието од Јовановски и како јавен обвинител ја искористила својата службена положба и ги пречекорила границите на своето овластување.

Таа за себе набавила предмети, мебел кој за неа го набавил Бојан Јовановски пари во износ од 50 илјади евра. Бојан Јовановски и Зоран Милески побарале 500.000 евра од Ана Камчева и таа им ги дала парите, а Јанева дала предлог да се укине мерката на Камчев и да му се одреди мерка куќен притвор.

Апелациониот суд донел одлука за куќен притвор, а за време на нејзиното одржување, Јовановски и Милески го посетувале во неговиот дом. Катица Јанева била вклучувана на спикерфон, а велела дека обвинителката која го работи случајот ќе постапува како што ќе каже таа“, додаде судијката.

На Јовановски му беа ставени на товар две кривични дела, примање награда за противзаконито влијание за кое казната е една до 10 години затвор, а исто толку е и казната за другото дело што му се става на товар, односно, перење пари и други приноси од казниво дело.

Јанева пак, Обвинителството ја товари за злоупотреба на службената положба и овластување, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 3 години. Милески-Кичеец беше веднаш осуден на три години затвор за примање награда за противзаконско влијание, по претходно признавање на вина.

Обвинението против Бојан Јовановски-Боки 13, Катица Јанева и Зоран Милески-Кичеец беше поднесено во октомври минатата година од страна на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Половина година траеше судењето за случајот „Рекет“ – рочиште по рочиште, вкупно 36. Јовановски се жалеше на лоша здравствена состојба, бараше домашен притвор, а Јанева со качулка на главата беше пренесена во домашен притвор.

Се редеа сведоци, но најголемо внимание предизвика Камчев и неговата сопруга Ана, кои тврдеа дека биле жртви на уцена и дека се бореле за правдата во Македонија. Русковска пак, одеше со спротивна теза, дека Камчев го монтира случајот за да се спаси од случајот „Империја“.

Судскиот процес заврши пред две недели.

Би можело да ве интересира

Притворен рекетар од Скопје кој од жртвата барал 180.000 евра

Апелација ја укина пресудата за „Меѓународен сојуз“, случајот се враќа на повторно судење

Одбраната на Боки 13 бара укинување на пресудата за „Меѓународен сојуз“

Бојан Јовановски: Со оваа здравствена состојба не можам да бидам во затвор

Боки-13: Прво селфи во слобода по четири години затвор

Горан Наумовски

Боки 13 пуштен на слобода: Затворската казна во прекин поради лошата здравствена состојба

Александар Тодески