Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, денеска го одржал првиот состанок со претставниците на американската компанија Space Exploration Technologies Corporation, поинаку позната и како SpaceX, соопшти министерството.
„Министерството за информатичко општество и администрација бара најдобри опции за обезбедување брз интернет за сите граѓани во државата, во урбаните и руралните средини кои сè уште немаат пристап до интернет, како и за можностите за подобрување на поврзаноста во сите области и градови на Република Северна Македонија. Министерството ќе соработува со Владата на Република Северна Македонија и ќе бара начини за субвенционирање на интернет конекциите за клиенти преку добро осмислен систем на ваучери, земајќи го примерот на другите европски земји, во овој случај, Германија“, се вели во соопштението.
„Постигнувањето брзина на Интернет од 300 Mbps за секое домаќинство, дури и во најдлабоките области на државата, е целта што мора да ја постигнеме на крајот од спроведувањето на овој проект. Министерот Шаќири информира дека разговорите со компанијата управувана од милијардерот Илон Маск, SpaceX, ќе продолжат и како резултат се надеваме дека ќе им донесеме подобри услуги на нашите граѓани“, велат од МИОА.