Основа на мирот е правдата, а за да отпочне и тече процесот на помирување, клучен е моментот на изнаоѓањето на правда или она што се нарекува транзициона правда во пост-конфликтните општества, изјави професорот Љубомир Данаилов Фрчкоски на јавната дискусија на тема „Помирување и градење на мир – предизвици и решенија“ што се одржа минатата недела во организација на Прогрес Институт и Младински Културен Центар- Битола.
– Потоа следи обидот да се создаде официјална вистина за конфликтните настани. Може дури и да се создаде паралелна вистина за секоја од страните. Тие две вистини не мора да се поклопуваат, но поентата за да се изгради мирот е да се прифаќа туѓата вистина и да се почитува истата, рече Фрчкоски на јавната дебата, која се одржа во рамки на регионалниот ИПА проект „Поделено минато – Заедничка иднина“.
На дискусијата во контекст на самиот наслов, помирување и градење мир, со фокус на етничките односи, (заедничката) историја и намалување на етничката дистанца, свои излагања имаа проф. д-р Љубомир Данаилов Фрчкоски, пратеникот и универзитетски професор Стево Пендаровски и аналитичарот Алберт Муслиу.
Пратеникот и универзитетски професор Стево Пендаровски напомена дека е клучно да се постигне договор за приоритетите и заедничките интереси, врз основа на кои ќе се гради соживотот.
– Правдата е важен момент во процесот на помирување и градење мир нагласи, Пендаровски.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу од своја страна посочи дека соживотот на повеќе етнички заедници во една држава треба да се гради врз основа на заедничка вистина и заеднички интереси.
– Она што е заедничко за сите граѓани на Република Македонија, што значи и за Македонците и за Албанците и за сите други е желбата за подобар живот, мир и правда. Имено во нашата земја покрај политичките и етничките промени, треба да има развојни промени кои ќе бидат двигател на подобриот живот. Во многу историски случаи економскиот напредок и развој доведува до премостување на архаични проблеми, рече Муслиу.
Оваа јавна дискусија е дел од серијата активности во рамки на проектот „Поделено минато – Заедничка иднина“, кој има цел зголемување на капацитетите за градење на мир и помирување.
„Поделено минато – Заедничка иднина“ е четири- годишен регионален проект кој е финансиран од Европската унија и кој има цел премостување на разликите помеѓу различните заедници во земјите од Западен Балкан и Турција.
Во спроведувањето на Проектот се вклучени 18 организации од седум земји, заедно со партнер организации од Словенија, Хрватска и Австрија. Тие заеднички работат на создавање на силна одржлива меѓусекторска платформа за соработка во областа на спроведување на политиките за градење мир и помирување преку иновативни механизми.
Главна цел на проектот „Поделено минато – Заедничка иднина“ е граѓанските организации да бидат препознаени од владите во регионот како важен општествен фактор со силен капацитет за градење мир и помирување. Партнерски организации од нашата земја вклучени во проектот се Прогрес Институт за социјална демократија и Младински културен центар – Битола.