Обвинетите за петкратното убиство кај Смиљковското езеро, ниту аплицирале, ниту добиле косовско државјанство, прецизно и јасно одговорил косовскиот министер за внатрешни работи Бајрам Реџепи на прашањето од страна на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на средбата на маргините на министерската конференција Брдо процесот кај Крањ.
По барање на новинарите, Јанкулоска на денешната прес – конференција појасни дека прашање од врвен приоритет за неа бил прашањето за екстрадиција на обвинетите за петкратното убиство кај Смиљковското езеро.
– На мојот апел да се пренесе пораката за важноста од брзо и ургентно постапување по однос на овој случај, Реџепи изрази подготвеност да се придржуваат кон сите меѓународни норми кои се однесуваат на испорака на лица и да ја пренесе пораката кај надлежните институции, во овој случај тоа е Министерството за правда дека за нас е исклучително значајно колку што е можно побрзо овие лица да бидат екстрадирани во Република Македонија и изведени пред судот и да одговараат за делото за кои се обвинети, изјави министерката Јанкулоска.