Ако за 16 дена петмина врховни судии не одлучат за времената мерка на ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, таа на 1 јули треба да се појави во затворот „Скопје“ на издржување на четиригодишната затворска казна во случајот „Тенк“.
Од Врховниот суд и од адвокатскиот тим на Јанкулоска за „А1 он“ потврдија дека заедно со барањето за вонредно преиспитување на пресудата на Кривичниот суд, Јанкулоска вложила и барање за времена мерка, што значи дека дури не одлучи највисокиот суд, казната да не се изврши.
Од судот за „А1 он“ велат дека за барањата за времени мерки судот постапува итно, но одлука за тоа сè уште не е донесена.
Слична пракса највисокиот суд имаше и за експремиерот Владо Бучковски во предметот за набавката на тенковските делови. Тој не отиде во затвор со правосилна судска пресуда, бидејќи врховните судии тогаш му го уважија барањето за времена мерка забрана за извршување на санкцијата, дури судот не одлучи за вонредното преиспитување на пресудата. Подоцна Врховниот суд одлучи да го врати предметот на судење од почеток.
Владо Бучковски, ексначалникот на Генералштабот на АРМ, Методи Стамболиски, Ацо Ѓурчевски, и други лица, беа осудени дека ја злоупотребиле службената положба при набавките на резервни делови на армиските тенкови „Т55” и го оштетиле буџетот за над 2 милиона евра. Бучковски требаше да одлежи 2 години затвор, откако Апелација ја објави правосилната пресуда. Предметот за Бучковски трае 12 години и сè уште се суди во Кривичниот суд.
Јанкулоска беше осудена на 6 години затвор за набавката на луксузниот „мерцедес“, а скопска Апелација ѝ ја намали казната на 4 години. Таа на први јули треба да се јави на издржување на затворската казна.
Поранешната министерка побарала од Судскиот совет да биде разрешена судијката Добрила Кацарска за наводни повреди предизвикани преку закажување чести судски рочишта во предметот „Тенк“, во услови кога Јанкулоска била во ризична бременост со породилно отсуство.