МВР нема да коментира никаква информација која е пласирана во јавноста од медиумите или од кој било друг во интерес на судскиот процес кој треба да започне за неколку денови, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и додаде оти нема нови информации во врска со вчерашното екстрадирање од Косово на Шукри Алија во Македонија.
– Во текот на вчерашниот ден лицето беше предадено од страна на косовските безбедносни сили за кривично дело насилство односно за издржување тригодишна казна затвор врз основа на правосилна пресуда за кривично дело „насилство“, појасни таа по денешната промоција на публикацијата „МАРРИ Миграциска анализа 2012“ во издание на МАРРИ Регионалниот центар.
На новинарско прашање дали има некаква поврзаност на Шукри Алија со случајот „Монструм“, Јанкулоска уште еднаш повтори дека нема да коментира какви било информации, ценејќи ја забраната на судот за изнесување детали за случајот, а во интерес на судењето.
Прашана дали има можност Шукри да одговара и за друго кривично дело со оглед на неговите закани по безбедноста преку социјалните мрежи, таа истакна дека МВР поднесувањето кривична пријава за сторено кривично дело не го врзува со личност, туку со обезбедени докази за кривичното дело.
– За секое лице за кое ќе обезбедиме докази дека сторило кривично дело без размислување ќе поднесеме кривична пријава, рече Јанкулоска.
Инаку, триесет и осум годишниот Шукри Алија вчера попладнето беше екстрадиран од Косово во Македонија и со највисоки мерки за безбедност спроведен во истражниот затвор Скопје за издржување тригодишна казна затвор врз основа на правосилна пресуда за кривично дело „насилство“.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека Алија (38) роден во селото Долна Битиња е екстрадиран во соработка со косовските безбедносни служби.
ША.(38) беше пријавен поради основано сомнение дека заедно со други следбеници од радикалниот ислам преку насилство и малтретирање имами се обидуваше да ги заплашува припадниците на ИВЗ. Исто така, соопшти МВР, како близок соработник со Рамадан Шити, кој го загуби животот во акцијата „Планинска бура“ во селото Бродец, се јавува како лице за кое постојат индиции дека е инволвирано и во голем број други тешки кривични дела извршени на територијата на Република Македонија, се вели во соопштението од МВР.
По масакрот кај Смиљковското езеро, Шукри преку социјалните мрежи повика на масовни протести против операцијата „Монструм“ и порача исламистички групи да ја оневозможат истражната работа на полицијата.