Горде, не грижи се, ќе го преживееш срамот. И тахикардијата ќе ја смириш, малку со лекови, малку со тек на времето. Човек се навикнува на секоја ситуација.
Ќе се случат сигурно и убави работи кај тебе за повторно да се насмееш. Ќе се облееш во пот од среќа, а не само од зорт. Ќе ги исправиш главата и рамениците. Ти не симулираше кифоза, тоа го тврдам. Сега телото ти е во таков грч. Ти давам шанса да се браниш.
Но, за разлика од многумина, јас немам сомнеж за тоа каква мустра си. Сто судии во твоја одбрана и твојата потсвест како обвинител ќе (те) кородира. Ако има правда ќе одлежиш одредена казна, неважна политички. Нејсе, мачнината ќе е пред заспивање. Ќе ти дадат и седативи, ќе земеш и нешто против мачнина, ќе те убедуваат дека не си најлошата, ќе се убедуваш себеси дека си имала напати добри намери. И ќе се обидеш да избегаш како што водата бега од својот извор, ќе се обидеш да си најдеш самооправдување.
Но Горде, никогаш нема да спиеш. Тоа го знам. Ќе бидат со тебе оние кои вистински те сакале, ќе бидеш пример за младешка трагедија. За избрзаност. Ќе сфатиш зошто на пирејот му треба земја. Ќе сфатиш дека и на човекот му е подобро да биде поблиску до тлото. Ќе те прегрне и тебе некој. Бог ќе ти даде прочка, им ја дава на сите што ќе ја побараат. Ќе одговараш за своите постапки, ќе видиш дека човек учи додека е жив.
За време на патувањата сите изгледаме налик на тебе: пожолтени, изморени, накиснати. Знаеш Горде, физичкиот се разликува од психичкиот умор.
Знам зошто те сликаат по авиони, зошто те влечкаат со одвратни наслови, зошто те исмејуваат, зошто ти се ситат. Сето ова е погрешно, знам, Горде, знам. Ама ти и твојата компанија воспоставивте вакви стандарди. Поради вас ни се изместија мозоците, се радуваме на запалени фасади, поради вас презумцијата на невиност и туѓата приватност ги закопавме. Многу туѓи солзи Горде, многу.
Туку, дај среди се, исправи се, покај се и признај. Кога реагирав за физичкото малтретирање за време на митингот на СДСМ во Охрид додека џогирав, ти Горде, не поведе ниту дисциплинска постапка. Ми испрати поздрав, казна за неносење лична карта на џогирање. Се’ уште Горде таму џогирам, а и повторно ја заборавам личната карата. Пропуст, ама јас можам да си го платам.
Мојот пропуст е далеку помал од тој твојот и од тој, на пример, на охридски гласноговорник на МВРО, со огромни политички претензии, а минимум држење до човечки дадениот збор. Што е мојот минорен случај наспроти човечките трагедии што ги предизвикавте? Ништо, ама деталите ја дооформуваат сликата….
Токму од твоите регрутирани за односи со јавноста, токму од нив протекуваа вести до порталите. Така е, се’ е рефлексија.
Да бидеме јасни,не поддржувам вакво однесување, ама принципот лавина не го измислив јac…
Дејан Блажески