Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска во Брисел говореше на темата „Зајакнување на отпорноста кон корупцијата и заробувањето на државата во Југоисточна Европа“.
Во своето обраќање Јанева ја истакна важноста од овозможување на услови за непречено работење на институциите вклучени во процесот на справување со корупцијата особено од висок профил.
Таа кажа дека институциите имаат обврска да преземат мерки за да спречат овозможување на услови во кои индивидуи кои се раководат од лични интереси, ќе ги злоупотребуваат институционалните капацитети.
Јанева истакна дека и покрај секојдневните предизвици со кои се соочува Специјалното јавно обвинителство во меѓуинституционалната соработка, истото нема да го обесхрабрат во одлучноста и посветеноста да ја исполни мисијата која му е доверена водејќи се од принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. Воедно, таа потенцираше дека улогата на граѓанскиот сектор има сериозен придонес во зголемување на свесноста за последиците од коруптивното однесување врз граѓаните е од исклучително значење во насока на обезбедување транспарентност и одговорност на институциите.
Во рамки на посетата на Брисел, покрај учеството на работилницата, Катица Јанева ќе оствари средби и со членови на Европскиот парламент, информираат од СЈО.