Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, на прес конференција ја најави новотворената истрага „ Тврдина“ за уништување на опрема за прислушување од МВР.
Почитувањето на Уставот,посочи, подразбира дека секое неовластено навлегување во приватноста претставува повреда на личноста на човекот.
Цитирајќи го уставот на Република Македонија, а конкретно членот 25 кој на секој граѓанин му гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот” подразбира дека секое неовластено навлегување во приватноста на личноста, на достоинството и на слободата на човекот претставува повреда на личната автономија, на емоционалните чувства и на интимата како приватна сфера на човекот.
Како што кажува почитуваниот професор по уставно право Светомир Шкариќ во една од своите книги тоа што не е наменето за туѓите очи и уши-како да не постои. Тоа е најсветиот закон на човековото однесување.
Истовремено, извештајот на Прибе констатира дека екслузивитетот во следењето од страна на Убк кое го врши и набљудува во свое име, како и во име на полицијата, царинската управа и финансиската полиција индиректно ја поткопува независноста на обвинителството како водач на истрагата.
Извештајот прецизно укажува дека УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема која дозволува отсликување на комуникацискиот сигнал, а операторите треба да ги активираат и пренасочуваат сигналите до надлежните органи или до безбедносните органи само по добивањето на релевантна судска наредба и само за целите на законското прислушкување. Уште повеќе извештајот категорично нотира дека под било кои околности не треба да се овозможи собирање на информации за политички или други цели. Тоа е и основата за отворање на оваа истрага која е поврзана со незаконското следење на комуникациите.
Во оваа прилика сакам да истакнам дека сум особено горда на фактот што специјалното јавно обвинителство е прва институција во Република Македонија која ја воспостави праксата на тесна соработка меѓу припадниците на правосудната полиција-истражителите и јавните обвинители. Сметам дека е од исклучителна важност да го потенцирам ова поаѓајќи првенствено од фактот што истражителите претставуваат еден од столбовите на кои се заснова ова обвинителство, а потенцијалот на истражителскиот кадар несомнено многу придонесе во досегашната работа на ова обвинителство.
Ова особено заради тоа што истражителите користејќи ги законските овластувања кои им се дадени имаат исклучително важна улога особено во предистражната и истражна постапка и во голем дел придонесуваат во обезбедувањето на докази неопходни за натамошно успешно водење на кривичната постапка.
Оттука, специјалното јавно обвинителство како тим на индивидуи кои покрај капацитет поседуваат и висок степен на свесност за заедничката одговорност која е пред нас, ќе продолжи да работи сплотено за да и овозможи на оваа институција да ја постигне зададената мисија што претставува и наша единствена цел.
Во оваа насока сакам да се произнесам и во однос на неовластеното пуштање на социјалните мрежи на приватни разговори помеѓу одредени сегашни и поранешни функционери. Ги повикувам засегнатите поединци да дојдат во специјалното обвинителство за да поведеме соодветни кривични постапки.
Истовремено ги повикувам сите кои поседуваат незаконско прибавени аудио и друг вид на разговори помеѓу одредени лица истите да ги достават во најкраток можен рок до специјалното обвинителство, рече Јанева.