Од денеска, во наредните четири дена, Специјалното јавно обвинителство почнува со увидот во доказите за случајот „Пуч“.
Основниот суд Скопје 1 обезбедил просторија во која ќе се изврши увид во пишаните докази, аудио-визуелни докази како и сите останати списи од предметот.
На 14 јануари, на последното рочиште за случајот „Пуч“,специјалната обвинителка Катица Јанева побара од судот одложување за да извршат увид во доказниот материјал.
Објаснувањето на Кривичниот суд беше дека поради обемниот доказен материјал и заради безбедноста на доказите увид во доказите за предметот ќе се врши во просториите на судот.
Во случајот „Пуч“ за шпионажа и насилство врз највисоки државни органи обвинети се пет лица, и тоа поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња, службеникот во општина Струмица Бранко Палифров, лидерот на СДСМ Зоран Заев и вработениот во МВР, Ѓорги Лазаревски.
Со преземањето на предмети од јавните обвинителства, и предметот „Пуч“ беше земен од Специјалното јавно обвинителство.