Специјалната обвинителка Катица Јанева вечерва на Топ Тема на телевизија Телма уште еднаш потенцираше дека наишле на опструкции во собирањето на докази и рече дека не и јасно зошто вечерта кога влегле во УБК, таму дошле и заменик министерот Оливер Андонов и поранешниот министер и директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.
– На почетокот ги игнорирав затоа што знаев дека не дефокусираат од она за што бевме дојдени. Но, кога видов како двајцата си разменуваат некои ливчиња ги избркав од УБК, па потоа тие излегоа да држат прес-конференција – рече Јанева.
На прашањето дали постои опасност некој во меѓувреме да уништи дел од доказите во УБК, со оглед на тоа што постои дел на документи кои се уште не ги зеле специјалните обвинители, Јанева е децидна дека нема шанса за тоа бидејќи како што рече будно ја следат Управата.
– Секое влегување во тие компјутери за прислушување остава трага. Ние сме таму и имаме наши истражители и будно ја следиме работата во УБК – рече Јанева.
Денеска СЈО информираше дека се преземени потребните докази од УБК во врска со аферата прислушување, по што продолжува истрагата за ова дело.