Градежните компании да бидат општествено поодговорни, да стипендираат повеќе студенти од областа и да дадат поддршка во стекнувањето практични знаења, повика денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
На одбележувањето на јубилејот, 64 години од постоењето на Градежниот факултет во Скопје посакувајќи им успешно студирање, Јанакиески им посочи на студентите дека во наредниот период повеќе работа ќе има во таканаречената ниска градба. Нагласи дека градежништвото во изминатиот период, посебно годинава има раст од над 30 проценти и има голем придонес за зголемување на бруто домашниот производ во Република Македонија.
– Градежништвото во последните три години е основна гранка, која стимулира раст во економијата во Македонија, а така ќе биде и наредните четири години. Наредната година планираме градба на два афтопати, Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид и за изградба на пругата кон Бугарија. Повеќе работа ќе има во т.н. ниска градба, како замена за високата градба во која имаше повеќе активности изминатите години. Очекувам дека во наредниот период најмногу ќе се бараат лица од ниска градба, рече Јанакиески.
Во наредните две-три години, тој им укажа на студентите дека ќе има намалување на работите во геодезијата, да внимаваат кога ќе го одбираат смерот.
Ги повика компаниите на општествена одговорност, што е можно повеќе да инвестираат во студентите, бидејќи во моментот многу мал број даваат стипендии за добрите студенти. Со ова, нагласи Јанакиески, најдобрите студенти ќе имаат средства, а компаниите по завршување на факултетот ќе може да ги земат.
Ресорниот министер најави дека ќе организира средба со претставници од Градежниот факултет и компаниите за поголем број стипендии и повеќе пракса за студентите, почнувајќи од прва година.
– Да почнат со пракса уште од прва година, бидејќи кога ќе звршат најголем дел од своето време ќе треба да го поминуваат на терен. Што побрзо да влезат во реалното, а со тоа и брзо ќе може да ја совладаат материјата, истакна Јанакиески.
Најдобрите 53. студенти од Градежниот факултет, како што информира деканот Милорад Јованоски, денеска добија стипендии од Фондацијата на факултетот, а двајца добија од градежната компанија „Бетон“
Градежниот факултет е еден од двата најстари технички факултети во Македонија. На денешен ден пред 64 години почна наставата на тогашниот Технички факултет со двата оддела, градежен и архитектонски.