На самиот почеток сакам длабоко да му се извинам на Трајко, што од Црниот понеделник па наваму, од Собранието си направи дуќанче. Согласно „алваџискиот тефтер“ поставен на официјалната веб страница на Трајковото дуќанче, од 24-ти декември до денес, донесени се голем број на закони, именувани се носители на неколку државни функции, констатирани се оставки…
Тоа што предизвикува големо внимание и навистина изненадува (ако воопшто нешто може да не изненади од 24-ти наваму), се донесените 19 закони по скратена постапка, на четири седници кои Трајковата дружина си ги одржа глумејќи демократија.
За нештата да станат појасни, најнапред мора да погледнеме како е дефинирано носењето закони по скратена постапка во Трајковиот деловник. При тоа, морам уште еднаш да му се извинам на Трајко што во 2008 година тој и неговата дружина си го донесоа Деловникот пред испразнети опозициски клупи. Членот 170 од Трајковиот деловник вели дека:
„Предлагачот на предлогот на законот може да му предложи на Собранието да расправа по предлогот на законот по скратена постапка во случај кога: Не е во прашање сложен и обемен закон; Кога станува збор за престанок на важноста на некој закон или одделни одредби од некој закон; Кога не се во прашање сложени или обемни усогласувања на законот со правото на Европската Унија“.
Иако номотехнички овој член остава простор за широко толкување и поприлично голема доза на самоволие од страна на владеачкото мнозинство (што значи обемно, што значи сложено?), сепак, со мала доза на разум и малку повисок степен на политичка култура, секој одговорен предлагач на закон би можел да процени кога има објективен простор и потреба за предлагање на закон во скратена постапка.
Сепак, развиената политичка култура и разумот за Трајко и дружината одамна се равенка со повеќе непознати. Па така, не постои ништо сложено во Предлогот на закон за изменување и дополнување на законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.
Трајко, јас навистина морам уште еднаш да ти се извинам што навистина нема ништо обемно, а бога ми ни сложено, во 54-те членови од Предлог законот за изменување и дополнување на законот за високо образование. На крајот на денот, тоа е само еден правен акт, кој по кој знае кој пат во последниве седум години, ќе ги промени правилата на игра во високото образование. Но од каде па сега тоа е толку важно? Од каде да знае Трајковата дружина што е тоа високо образование?! Зема па гласа!
Јас навистина не можам да видам ништо сложено ниту во предлозите за изменување и дополнување на законите за државни и јавни службеници, освен, се разбира обемна државна и јавна администрација, која одамна следи некои други стандарди кои се секакви, само не европски.
Продуктите кои секојдневно се купуваат и продаваат во Трајковото дуќанче, и тоа по скратена постапка, навистина тешко се пребројуваат.
За нашиот primus inter mercatores одамна важи онаа култна мантра од „Се сеќаваш ли на Доли Бел?“ – „Секој ден, во секој поглед, сé повеќе и повеќе напредувам“, но по сé изгледа човекот вози во „Крив правец“. Трајко, уште еднаш морам да ти се извинам што во четвртокот мораше да режираш претстава наречена „пратенички прашања“, водена исклучиво по принципот „Ти мене војводо, јас тебе сердаре“, на која јавноста се изнаслуша за повеќе, повеќе позитивните работи во државата. За среќа, додека ти и дружината си глумевте демократија, пред твоето дуќанче беше собран народ кој учествуваше на еден вистински, граѓански парламент, демаскирајќи ја суровата вистина која ти и твојата дружина невешто се обидувате да ја сокриете.
p.s. И, Трајко, едно најдлабоко и понизно извинување што следнава седмица можеби потешко ќе доаѓаш и ќе заминуваш од работа, но не бери гајле, за државата се работи!