Извештајот од германските експерти за пожарот во Тетово, според информациите од МВР, ќе биде доставен во рок од 10 до 15 дена, а нашите извештаи јас очекувам многу брзо да бидат готови, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Времето, посочи Заев, е важно бидејќи граѓаните бараат одговор, но не би сакал никако да избрзуваме.
– Не само заради тоа што јас ги чекам одговорите за да дадам свој став по повод поднесените четири оставки, поважно е тоа што граѓаните бараат одговор, што всушност се случило, кои се причините или слично, така што јас лично ако прашате како премиер кога очекувам – очекувам до крајот на оваа недела да излезат извештаите. А, дали ќе биде така или не најверојатно за тоа ќе каже републичкиот обвинител и надлежниот обвинител, изјави Заев.
Замолувам, нагласи Заев, колку може побрзо да се направат тие извештаи затоа што граѓаните очекуваат одговор.
Прашан зошто се чекаат извештаите, кога оставките се понудени и граѓаните бараат одговорност, премиерот Заев рече дека го разбира гневот и болката која е голема кај сите, но дека не може едноставно да се разрешуваат министри, Влада, Парламент, па дури и цел народ заради оваа болка.
– Мораме да водиме грижа прво, за суштината и причините на тоа што се случило. Второ, мора да знаете што после тоа. Ќе учите, некој уште шест месеци да навлезе, да менаџира со короната, со болницата во Тетово, со секој соодветно? Мора да ги дадете соодветно одговорите. Кога ги давате соодветно одговорите мора да ги имате влезните информации до крај за да можете како премиер да го кажете својот став. Ако ги вратиме животите на овие 14 луѓе, не само што ќе си дадеме оставки сите, ќе заминеме и нема да се вратиме во политиката само да се вратат овие луѓе, а тоа е невозможно, рече Заев.
Се работи, појасни Заев, за модуларни контејнери кои, исто како целиот свет, така и кај нас се поставени за луѓето да не бидат примени на паркинг просторите пред инфективните клиники.
– Се работи за модуларни контејнери коишто се претходно фабрички изработени на друго место и од тука целта беше исполнета и тие треба да продолжат да функционираат затоа што таму се сместуваат нашите граѓани коишто се заболени од Ковид -19 и ќе имаме уште заболени од Ковид -19. И така треба тоа да продолжи. Ние не градевме болници. Ние имаме претходно изработени во фабрика модуларни контејнери не кај нас, секаде во светот се така поставени, рече премиерот.
Никој, рече Заев, не е венчан за ниту една функција.
– Функцијата е апсолутно и обврска како што е и право, но одговорноста за да ја понесете како морален чин го имаме на дело и тоа е направено од четири луѓе коишто се раководители на институцијата. Се согласувам, јас можеби нема да ги прифатам, можеби и ќе ги прифатам оставките. Но, одговорноста морална е направена. Дали треба да има друг вид на одговорност ќе си кажат истражните органи, изјави Заев.
За тоа, како одеднаш верува во судството и чека што ќе покаже истрагата, кога пред една година и самиот барал помош од ДКСК за справување со судството, Заев рече дека помош и поддршка бараат од сите независни институции, како од извршната власт и институциите под извршната власт, така и на правосудството, судството и обвинителството, и на сите други институции.
– Не можам да кажам дека денеска Зоран Заев има целосна доверба во правосудството, но сум должен да ја делегирам довербата согласно нивната одговорност да носат одлуки, транспарентни, отворени, ефикасни и јасни за граѓаните, рече Заев.
Во тој дух, посочи Заев, тоа што можам да го кажам е дека, Јавното обвинителство согласно закон ги води истрагите, се ангажираат професионалните експерти од службата за форензика и истраги и при МВР и при ДЗС, а прифативме и помош понудена од германските форензичари, кои ја завршија истрагата и дополнително ќе достават свој извештај за работата.