Судењето за случајот ,,Плацеви на Водно” денеска продолжи со изведување на материјални докази од страна на Обвинителството. При презентацијата обвинителката Лиле Стефанова изведе разни докази од наредби за претрес одобрени од Кривичниот суд Скопје и записници од привремени одземени предмети.
Одбраната на обвинетиот Јордан Камчев во овој случај, приговараше на изведувањето како доказ на договор за пренос на удел меѓу фирмите „Сиран“ и „Орка“.
– Доказите се прибавени на незаконит начин. Овој доказ не може да се третира од причина што недостасува потпис, печат и штембил на другата договорна страна, истакна одбраната на обвинетиот Јордан Камчев.
По изведување на материјални докази судењето за овој предмет влегува во фаза на презентација на вербални докази, односно сослушување на сведоци. Според најавите на Обвинителството, против обвинетите ќе сведочат десетина сведоци.
Обвинети во овој случај се, поранешниот премиер Никола Груевски, кој се товари за кривичните делата „перење пари“ и „за противправно стекнување и прикривање на имот“, неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева, кои се товарат за „перење пари“, како и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.