- Пишува проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права
Продолжение на Кога новинарите не прашуваат, лагата многу лесно станува вистина
Изјавите на политичарите може да немаат допирни точки со реалноста
Многу често медиумите едноставно пренесуваат изјави на претставници на власта или на политичките партии без да постават прашања поврзани со реалноста на она што се тврди, основите на тврдењето и остварливоста на истото.
На пример во информацијата под наслов „ДОМ: помали сметки за струја од 50 до 80 отсто“ недостасуваат прашања за тоа:
- Како е ова во согласност со правилата на регулаторната комисија?
- Дали е направен контакт со ЕВН?
- Од каде би дошле средствата за вакви субвенции кога најголем дел од општините немаат доволно средства ниту за елементарни трошоци?
- Врз основа на кој елаборат е дојдено до сума на заштеда од 50-80 отсто?
Овде посебно треба да се спомне отсуството на прашања поврзани со позитивни тврдења на претставниците на власта. На пример во написот „Македонија со најмала невработеност, а ова е од транзицијата на Бранко“ новинарот не покажува никакво сомневање во тврдењето на власта и не поставува прашања со кои би се испитала вистинитоста на тврдењето дека невработеноста е навистина намалена. Новинарите не поставуваат прашање за тоа:
- Дали треба да се гордееме со достигнување на ниво на невработеност од 2001 година?
- На кој начин е намалена невработеноста?
Дали намалувањето на невработеноста го следи зголемување на процентот на вработени?
Ако не се легално вработени луѓето, тогаш каде се луѓето кои претходно биле дел од вкупниот број на невработени?
Изјавите на политичарите може да бидат спротивни на законите
Медиумите не поставуваат прашања поврзани со законските решенија со кои непосредно се поврзани дејствијата кои се предмет на интерес на конкретна информација.
На пример, во случајот под наслов „Сенатот на Универзитетот ‘Св. Апостол Павле’ ќе ја обжали одлуката на Државниот просветен инспекторат“ новинарите не поставуваат прашање за тоа:
- Кој е проблемот кој го утврдил Сенатот?
- Која била и дали била законска процедурата?
- Што е проблемот кој го утврдил инспекторатот?
- Дали е запазена законската процедура во постапувањето на инспекторатот?
Новинарите во своите написи или прилози не инсистираат на одговор на прашања поврзани со законските одредби кои претставуваат суштински елемент на конкретната информација. На пример во информацијата под наслов „Обвинувања за предвреме почната кампања“ каде што суштински елемент на веста е обвинувањето за прекршување на законите, новинарот не поставува ниту едно прашање за тоа:
- Дали навистина се прекршени законите или не?
- Доколку се прекршени, кој е тој којшто би требало да реагира и на кој начин?
- Доколку не се прекршени, која е одговорноста за лажното обвинување?
Секогаш треба да се праша и другата страна
Медиумите често само пренесуваат изјава која во себе содржи обвинување за некоја спротивставена страна без да ја прашаат таа страна за наводите на изјавата. Не станува збор само за земање изјава од другата страна во која нема да се одговори на претходно дадените наводи, туку за поставување прашања токму извлечени од првичната изјава. Прашања преку кои ќе бидат конфронтирани двете страни и ќе бидат принудени да се изјаснат за конкретните наводи на „другиот“.
На пример во информацијата под наслов „(ФОТО) СДСМ Струмица: ВМРО-ДПМНЕ на безобразен и арогантен начин ги игнорира законите“, новинарот воопшто не се ни труди да ги постави иницираните прашања на другата страна. Едноставното пренесување изјава во која се негира кажаното и се прогласува за лага, никако не е вистинска информација која бара аргументи и докази за искажаните тврдења.
- Дури и во многу добри медиумски анализи на одредено прашање, како на пример во написите:
- „Дали Македонија навистина може да се гасифицира“
- „Патот на Македонија кон ‘Јужен тек’ се црта“
- „Во завршна фаза договорот за приклучување на Македонија кон ‘Јужен тек’“
отсуствуваат провокативни прашања, како на пример за економската способност на општините да одговорат на новите барања и повторно, за објективната успешност во обезбедувањето на најдобро решение за граѓаните на Република Македонија.
Има новинари кои прашуваат. Ретко, но тука се. Само како пример, прекрасно освежување во сивилото на новинарството кое не прашува, претставува истражувачкиот обид поврзан со Скопје 2014. Капка во морето, меѓутоа и јасен показател дека има новинари кои знаат и поинаку. И можат. И имаат доволно храброст.
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov).