Извештајот на Комисијата за настаните од 24 декември 2012 година беше и помина.
Додуша имаше малку фемкање, те сакам, те несакам, па као оставка, ама карактер сум до степен на пишман, па од позадина (без да го забележиме) онака како што доликува, претседателот го „измоли3 комисискиот претседател да се предомисли, нејсе на крај после сета глума колку да не биде дека сме лесни па „даваме од прва“, сите си се потпишаа.
Е сега, едниве ни го толкуваат правното значење и тежина онака професорски за да „разбереме“ ние рајава дека всушност таму и не пишува тоа што пишува туку сето тоа има сосема друго значење кое ете ние со нашиот интелектуален капацитет и знаење, засега не сме во мошност да го разбереме.
Сета тежина на извештајот, а особено правната тежина на заклучоците ќе дојдат до израз во иднина, само малку да причекаме. За другиве пак тоа што го потпишале нема некаква важност, они потпишале ама исто како и да не потпишале. Така фино лепо пред Брисел пак покажавме дека сме зрела и сериозна држава со капацитет за кандидатски статус – во иднина нали. Засега во Извештајот на ЕК ќе стои оценката „ПОКАЖАЛЕ ОСОБЕН ИНТЕРЕС И УСПЕХ“.
Поентите од работата на комисијата се сепак на едно друго место. Толку нормално никој, а најмалку ДПМНЕ ќе пропушти ваква пенал шанса. Па почнаа да си играат со 1-ви март, па каде сте сега да одиме на избори, па знаат ли овие од СДСМ што сакаат…?
Мајтапењето со нови предвремени избори сепак е далеку од наивна работа. Независно што во ДПМНЕ како партија се сигурни во успех (најголем досега), нешто во кое јас баш и не би се обложил, несериозната понуда за предвремени парламентарни избори не е само мајтапење со СДСМ.
Напротив добро смислена тактика и затоа секоја чест. Имено, ова новиве дечиња, во СДСМ со интенција да се реформира во сериозна партија со еден ваков потег ДПМНЕ доколку сака ќе ги растури сеуште неседнати во фотељите а не па да одржат некој конструктивен состанок. За што станува збор. ДПМНЕ сериозно уште утре е подготвен да оди на избори. Кандидатските листи за пратеници во ДПМНЕ се одамна готови, дури не би ме зачудило и старо-новите пратеници веќе да ги имаат потпишано мениците. Од друга страна во СДСМ сеуште е во зародиш „вадењето очи„ за избор на Претседатели на Општински организации и следствено на тоа составувањето на општинските извршни и надзорни одбори. Токму затоа ДПМНЕ и го понуди ЛИЖАВЧЕТО наречено „АЈДЕ НА ИЗБОРИ“.
Ако во СДСМ се случува ова за кое и врапчињата знаат при изборот во рамки на ОО, можете само да замислите што ли ќе следува кога ќе почне „гребењето“ да се биде на листа за пратеник. Сепак, секое зло за добро. Најголем чувар на СДСМ сеуште е ДПМНЕ. Токму ваков „предводник“ на опозицијата му е и те како потребен на ДПМНЕ. Затоа и ќе си го чува и брани. Зошто општествените токови знаат и да изненадат. Ако ДПМНЕ му помогне на СДСМ докрај да се самоуништи, вака или онака, кога-тогаш ќе се изнедри партија која што може да прерасне и во сериозен, дораснат опонент. Вака ДПМНЕ знае со кого си има работа и мирно си спие. А богами и СДСМ спие ли спие.
Да се разбереме, време и шанси СДСМ да се „ОПРАВИ“ и те како има. Па каде е проблемот? Кој тоа кочи? Дел од „старите“ гарнитури сеуште ја тера водата на своја воденица, а во голем дел и си го чува грбот за работи сторени од минатото. Новоизбраниве девојки и момци за жал очигледно сеуште не им се дораснати на „старите волци“.
Значи да се разбереме ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ ЌЕ НЕМА, ДПМНЕ не ни помислува на такво нешто. Само си го држи СДСМ на кратко јаже, ако му притреба ќе направи раздор кога и да посака.
Него ај да привршам. После последната точка во Извештајот на ЕК ке стои во пост скриптум напишано со големи букви. А бре македончиња, кога веќе еднаш Ви тргна со тоа ПОТПИШУВАЊЕТО, ај потпишете и она што се бара од Вас за односите со соседите (СИТЕ), па ние овде во Брисел да фатиме некоја попаметна работа.
Александар Величковски
Авторот е правник и член на СДСМ