Избирачкиот список како паралелен универзум

Од:

Хаосот во Избрачкиот список кој беше утврден откако на увид на граѓаните им се дозволи пристап до базата на податоци на ДИК, при што беа пронајдени огромен број на непостоечки граѓани дека се пријавени на одредени куќи или згради, може да биде со маргинално значење во однос на грандиозната неправилност која во списокот постои за цела една улица, на која живее население од повеќе илјади граѓани. Имено, во Избирачкиот список не се само фиктивни адреси од поединечни стамбени објекти туку постои и цел еден мал фантомски град, регистриран со право на гласање. Тој фантомски град се простира од Припор до Чешма во Скопје и се однесува на улицата Сава Ковачевиќ или Христо Татарчев во Кисела Вода.

Оваа улица е вистински социолошки феномен кој заслужува да биде детално истражен и во претстојното пречистување на Избирачкиот список да претставува лакмус дали може да се оди на фер избори или не. Улицата е по старо Сава Ковачевиќ, а по ново (колку е ново од 1993 година!?) е Христо Татарчев, со тоа што никогаш не било поништено во исто време и да не биде и Сава Ковачевиќ. Со таквата состојба, таа е вистински златен рудник или инкубатор за лажни гласачи и нивно заведување во Избирачкиот список, само ако некој се сетил да го (зло)употреби она што му се нудело на тацна. Од направениот увид во Избирачкиот список се гледа чудо невидено – на него фигурираат гласачи кои се заведени дека живеат на улица Христо Татарчев, но и гласачи кои се регистрирани на Сава Ковачевиќ. Од ова се добива впечаток дека се две различни улици, а фактички станува збор за една иста улица. Ваквиот дуализам овозможува да се заведат илјадници вистински или фиктивни лица дека живеат и на Сава Ковачевиќ и на Христо Татарчев.

Какви сѐ други неправилности можат да се направат кога една иста улица се води со две имиња (и на правен лаик му е јасно дека тоа е законски недозволено) може да се претпостави: на пример, граѓанинот во една прилика може да каже дека живее на улица С. Ковачевиќ, а во друга на Х. Татарчев, при што и во двата случаји не излажал, а, сепак, направил манипулација, која законот нема начин како да ја санкционира.

За генезата како се дошло до една ваква апсурда ситуација со улицата имам пишувано пред две години. Сметајќи дека разрешувањето на овој повеќедецениски проблем е од поширок јавен интерес, повторно ја објавувам колумната, со надеж дека конечно ќе се иницира решавање за овој проблем, кој директно погаѓа неколку илјадно население. Конечно, ова не е некоја споредна улица, туку е една од најголемите улици во Скопје и затоа е под ингеренции на Град Скопје, а не на Општина Кисела Вода.

БАРАМ ДА МИ СЕ СУДИ ЗА ШЕСТЕ СТАНА!

Во досегашниот мој живот имам живеено на три улици. Првата година од животот сум ја поминал во родното Гњилане на улица Маршал Тито. Потоа, кога моите родители се вратиле во Скопје, наредните две години сум живеел на улица 29-ти Ноември, за да од третата година до донеска непрекинато живеам на улица Сава Ковачевиќ (!?). Можеби звучи фаталистички, но некако верувам дека и случајноста да живеам токму на овие улици судбински влијаело во формирањето на мојот светоглед и социјални убедувања.

Сепак, за оваа моја приказна, важно ќе биде моето животно искуство кое сум го доживеал на улицата Сава Ковачевиќ, и зградата во која сум се доселил со број 6, која кон крајот на седумдесетите години на минатиот век, поради брзата урбанизација на населбата Кисела Вода, била променета во број 70. Но како обично бидува, затоа што нашиот народ е тежок во прифаќање новини и промени, новиот број на зградата не беше консензуално прифатен од нас станарите, така што во годините кои следеа паралелно ги користевме и двата броја: и стариот 6 и новиот 70. И институциите од тоа време не беа помалку инертни од граѓаните, така што писмата, најчесто сметките за извршени комунални услуги, нѝ стигнуваа како на адресата со новиот број, така и на старата нумерација.

Откако била изградена мојата зграда, паралелно со неа поминувала една слепа, безимена, уличка, која некаде во средина на осумдесетите години добила име – улица Козјак. Со оглед дека зградата со помалиот дел, попречно е свртена кон улица Сава Ковачевиќ, а со поголемиот дел е издолжена паралелно со новата улица Козјак, од моментот на именување на улицата, на мојот стан уредно почнаа да пристигнуваат и поштенски пратки адресирани и на улица Козјак, со двете постојни комбинации од броевите на зградата: 6 и 70. Звучи неверојатно, но во периодот кој ќе уследи на едниот и единствен стан што го имавме, сосема регуларно нѝ се испорачуваа пратки адресирани на четири различни адреси.

Во раните деведесети години, по распадот на Југославија и почетокот на градење на нова македонска држава, во целиот тој ентузијазам и еуфорија за создавање на нови македонски идентитетски одредници, именувањето на нови имиња на улици беше нешто што беше високо на агендите на политичките партии. Особено тоа му беше приоритет на тогашното ВМРО-ДПМНЕ. Така, во тие години силно во јавната дебата се наметна дискусија за потреба за промена на старите, југо-комунистички, имиња на улиците во имиња на важни македонски историски личности и настани. Ние, жителите на улица Сава Ковачевиќ или Козјак, искрено се надевавме дека конечно ќе се стави крај на конфузијата и ќе дознаеме, дваесет години по доселувањето во зградата, на која точно адреса живееме. Очекувањата бргу и нѝ се исполнија. Собранието на Град Скопје, тогаш управувано од ВМРО-ДПМНЕ, на седницата одржана во пролетта 1993 година, како точка на дневен ред ја беше поставило и промената на имињата на улиците во Скопје, меѓу кои и предлогот за преименување на нашата Сава Ковачевиќ во Христо Татарчев. На истата седница требаше да се гласа и населбата Синѓелиќ да се преименува во Ченто. Убаво се сеќавам на тие моменти, бидејќи тогаш бев млад репортер во штотуку отворената А1 Телевизија задолжен да ја следи работата на Собранието на Град Скопје, како по успешното гласање на седницата, членот на Извршниот одбор Глигор Смокварски му се обрати на неговиот сопартиец, сега покојниот, Ефтим Таковски со прашањето: „Дали знаеш за каде оди автобусот 45?“, на што, Таковски, по навика, како од пушка, му одговори: „За Синѓелиќ!“. Смокварски, со триумфална насмевка дека успеал да го надмудри својот колега, поентираше: „Не, веќе 15 минути како оди за Ченто!“.

Меѓутоа, радоста и славењето на градските татковци кратко траеше и набргу беше поматено. Тогашната влада, предводена од СДСМ, преку јавна реакција на МВР, соопшти дека промената на улиците е направена спротивно на законот и е нелегална, така што во употреба остануваат старите имиња. Ваквата поделеност предизвика отворен конфликт меѓу републичката и градската власт, што резултираше со дуализам во именувањето на улиците од различни институции, во зависност од нивниот домен и ингеренции. Наместо крај на повеќедецениската конфузијата, тоа за нас станарите во мојата зграда значеше само едно: дека добивме на веќе постојните две улици уште една нова улица за живеење – Христо Татарчев, проследена и со двете варијации за бројот на зградата. За МВР бевме жители на Сава Ковачевиќ, за Собрание на Град Скопје жители од Христо Татарчев, иако и понатака продолживме да примаме пратки адресирани и на улица Козјак.

Во годините кои уследија многу не се обѕирав на овој хаос со адресата, бидејќи во реалниот живот и непостоеше некаков конкретен проблем за да ме потсетува на конфузијата, а и доминантно ми беше убедувањето дека Христо Татарчев е (веројатната) адресата на која живеам. Потсвесно си мислев дека во периодот 1998-2002 година, кога власта и на републичко и на градско ниво беше на ВМРО-ДПМНЕ дека успеале нештата да ги исправат и конечно ги регулирале имињата на улиците. Во такво убедување живеев до пред некоја години, кога морав да извршам промена на старата лична карта, со нова пластифицирана. Во формуларот за барање за издавање лична карта, на прашањето ’адреса’ напишав ул. Христо Татарчев број 70. Службеникот кој ме фотографираше и ги внесуваше податоците во компјутер, инаку Албанец по националност (подоцна ќе се види зошто ја наведувам неговата национаност), ми се обрати со неочекувана забелешка: „Вашата адреса не е точна, таква улица воопшто не постои, а вие живеете на улица Сава Ковачевиќ број 6!“. Не можев да поверувам што слушам: нешто за што се тврдеше од официјална институција дека е променето уште во 1993 година, дваесет години подоцна да нема никакво формално и фактичко значење. Се обидов да му објаснам на службеникот дека улицата ми е сменета уште во далечната 1993 година, со тогашна одлука на Град Скопје, но неговиот одговор беше дека таа можеби е сменета, но во системот на МВР тоа не е заведено. Она што во моментот ми помина незабележително, а претставуваше уште поголем скандал за нашата управа, е тоа дека бројот на зградата 70, за кој бевме известени уште во доцните седумдесети години на минатиот век дека го заменил бројот 6, и тој воопшто не бил важечки за сите овие децении.

Сепак, ова не беше и крај на моето непријатно изненадување. Во графата на формуларот за нова лична карта, на прашањето ’место и држава на раѓање’ имав пополнето Гњилане, Косово. Ќе бидам искрен, како на човек низ чии вени тече половина српска крв, ова особено тешко ми падна – да прифатам да напишам дека Гњилане се наоѓа во државата Косово; но, како легалист морав да го почитувам фактот дека Македонија го признала Косово како независна држава и дека градот Гњилане за Македонија не се наоѓа повеќе во државата Србија туку во Косово. Меѓутоа, службеникот повторно се јави со реакција: „Не може Гњилане да е во Косово, тоа е во Србија, бидејќи софтверот само така прифаќа да го внесам!“. Бадијала моето убедување дека штом Македонија го признала Косово тогаш и тој град се наоѓа во новата држава, службеникот беше непопустлив: Србија и никако поинаку! Одеднаш настана една надреална ситуација, како да е претстава од некој театар на апсурдот, во која јас, горд Србин, убедувам ревносен службеник Албанец дека Косово е држава, а тој, имплицитно, тврди дека Косово е Србија. На крајот, компромисот го дознав кога ми беше врачена личната карта – во графата ’место и држава на раѓање’ ми пишуваше само „Срб“. На што се реферира ова „Срб“, Господ би го знаел – дали на малото место Срб, во Лика, Хрватска, со кое немам никаква допирна точка, а најмалку дека сум се родил таму или на меѓународниот код за Србија?! Како и да е, веројатно, јас сум во државава единствениот сопственик на раритетна лична карта во која не пишува ниту место ниту држава каде е роден граѓанинот, а и е со спорно име на улица на живеење.

Деновиве, малку истражував по Интернет, и успеав да го пронајдам „Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти“ од 2004 година, за кој претпоставувам дека сѐ уште е важечки. Во членот 5 од Законот пишува: „Името на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект на подрачје на општина, односно на подрачје на градот Скопје може да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња. Листата од ставот 1 на овој член ја утврдува советот на општината, односно Советот на градот Скопје, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија“. Значи, тука лежела замката. Под претпоставка ист или сличен ваков член да важел и во 1993 година, тоа значело дека тогашната градска власт бидејќи не добила согласност од тогашната Влада на РМ за промена на имињата на улиците, сите промени и новонастанати состојби кои уследиле по гласањето во Собранието на Град Скопје биле спротивни на законот, а со тоа и неважечки. Тоа значи и дека мојата улица Христо Татарчев воопшто не постои! Но она што е уште пострашно, е поразителното сознание за жителите на населбата Ченто дека сите овие години тие живееле во една голема заблуда дека нивната населба се вика Ченто, а таа сѐ уште е Синѓелиќ!!! (На сајтот http://makedonija.name/municipalities/gazi-baba/metodija-andonov-cento за населбата Ченто стои следново објаснување: „Методија Андонов Ченто е населба во општина Гази Баба, Македонија. Методија Андонов Ченто оригинално име му е Синѓелиќ“).

Нема дилеми дека проблемот е настанат на фамозната седница на Град Скопје од 1993 година, а тогашната одлука бидејќи била донесена спротивно на законот, формално не заживеала иако фактички била прифатена од граѓаните и некои институции на локално ниво. За иницијативата за промена на имињата на улиците и населбата Синѓелиќ да била важечка морало од тогаш до денес да се одржи нова седница на Град Скопје на која претходно би била обезбедена согласност од Владата на РМ за предложените измени (за што јас се надевав дека се случило во периодот 1998-2002 год.). Се додека тоа не се стори и одново не се изврши гласање за предложените измени, си остануваат старите имиња од времето на поранешна Југославија, но и прашањето со кое право некои институции ги користеле нелегалните имиња сите овие години. Прашање е и што со сите оние одлуки и прописи кои се донеле во изминативе години, а се однесувале на новите имиња кои се неважечки? Дали дел од граѓаните на Скопје биле во заблуда кога на изборите гласале за градоначалници и пратеници кои ќе ја претставуваат и нивната (фантомска?) населба Ченто, без да знаат дека таква населба воопшто не постои во нашиот град или како тоа на сите локални избори (но и републички) според ДИК моето гласачко место е лоцирано на улица Сава Ковачевиќ, а градската и општинската администрација тврди дека таква улица не постои во општина Кисела Вода? Улицата не постои, но гласовите кои ги добиле на гласачките места лоцирани на непостоечката улица и тоа како постојат и со радост се бројат.

И сега, кога ќе ги погледне човек нашата државна управа и јавна администрација, кои се платени да работaт за да го олеснат живеењето на граѓаните и да воспоставуваат ред за нормално функционирање на заедницата (од осамостојувањето до денес, независно која партија е на власт), колку се неспособни и колку со својот аматеризам продуцираат проблеми и непотребно нѝ го компликуваат животот, треба ли да се биде наивен за да се поверува дека ние реално сме подготвен кандидат за преговори за членство во ЕУ, а единствен проблем нѝ е само спорот со Грција околу името? Секој кој барем на кратко живеел на Запад и имал можност да ја увиди ефикасноста на нивните државни и локални служби јасно ќе му стане дека држава со ваква администрација како нашава нема што да бара во тој клуб на избрани и елитни и дека многу повеќе припаѓаме на „пустото турско“. А и бирократите од Брисел се премногу наивни кога нѝ порачуваат да го решиме проблемот со името со Грција и веднаш ќе ги почнеме преговорите за членство. Ние внатре, во самата држава, не можеме повеќе од две децении да изнајдеме компромис за промена на име на улица или населба, а ќе најдеме решение за името на државата со соседна држава. Иако, ако сака човек да биде саркастичен и да прави мајтап на сопствената мака, можеби најдобро решение би било на името на државата да се додаде наставка и да се нарекуваме Македонистан-Апсурдистан. По прецизно и по точно име за државата од оваа тешко дека ќе се најде, а, воедно, тоа нема да нѝ го повредува националниот идентитет – апсурдот е во нашиот идентитетскиот код со кој живееме во Македонија откога ќе се родиме, па сѐ до смртта.

Како и да е, мене ми поминаа повеќе од четириесет години од животот без да се мрднам од единствениот стан, а, според државните институции, испадна дека за сите овие години сум живеел на шест различни места. И ден-денес, во зависност од тоа кој ги испраќа, фактурите за комунални и други услуги ми стигаат и на улица Сава Ковачевиќ (Телеком), и на Козјак (ЕВН) и на Христо Татарчев (градските претпријатија како Водовод), со различни варијации на бројот на зградата (6 или 70). Недај Господе на некој агилен и премногу интелигентен службеник во Управата за јавни приходи да му текне дека за овие 40 години требало да се плаќаат и даноци за сите шест стана. И тоа не само јас туку сите 30 семејства од мојата зграда кои не се свесни дека од моментот кога се вселиле во зградата живеат истовремено на шест различни места. Како да сме во некој паралелен универзум и да живееме во димензија непоимлива за останатите луѓе. Но, во земјата Македонистан-Апсурдистан никогаш не смее да се потцени бирократијата во нејзината креативност да креира глупости така што и вакво нешто може да се очекува да нѝ се случи. Ќе има државата пари за земање.

П.С. Проблемот со името на улицата не е и најголемиот дострел на нашата администрација кој сум го доживеал. Пред осум години, при вадење Извод од матичната книга на родени дознав дека сум имал два матични броја (!). Сепак, за оваа грешка не барав да се исправи – некако ми годеше да се к….м дека вредам за двајца.

Бреикинг њуз: Пред некој ден, при увид во Избирачкиот список, по прв пат за сите овие години дознав дека мојата зграда имала и три влезови обележени со А, Б и Ц. Со среќа нека ми е и седмиот стан и седмата адреса на живеење!

Аман те луѓе, амин ви чинам, ако за Господ знаете – доста е! Што ви е следно: влезовите да ни ги обележите со глаголица или според хебрејско писмо!?

Д-р Ненад Живановски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска