Претседателот Ѓорге Иванов денеска престојува во работна посета на Словачка по повод учеството на манифестацијата „Денови на Св. Кирил и Методиј“ во Терхова.
Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, ќе се обрати на традиционалната манифестација „Денови на Св. Кирил и Методиј“ и ќе присуствува на свечена литургија во катедралата Св. Кирил и Методиј – Брдо Оравцове, која претставува најголем храм во Словачка, посветен на сесловенските просветители.
Годинешната манифестација „Денови на Св. Кирил и Методиј“, на која се организираат повеќе културно-историски и духовни настани е посветена на десетгодишнината од основањето на Епархијата на Жилина, чии заштитници се Св. Кирил и Методиј.
Терхова во Жилина, е местото каде што во древната Велика Моравија, Светите Кирил и Методиј ја извршиле својата четврта просветителска мисија.
Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј – 5 Јули се прославува како државен празник во Словачка.