Претседателот Ѓорге Иванов, упати честитката до поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите христијани, по повод големиот празник Христово раѓање – Божиќ.
„ Дозволете ми, Вам, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник, Рождество Христово – Божиќ. Празнувајќи го Божиќ ние се сеќаваме на еден од клучните настани во историјата, а тоа е денот кога Синот Божји стана и Син Човечки за да го покаже патот до вистината која носи надеж за живот.
Божјото поистоветување со луѓето преку Исус Христос е, воедно, и најсилната недвосмислена потврда на вроденото човеково достоинство и неотуѓивата вредност на секој човек, независно од етничката, јазичната, верската, социјалната припадност, независно од полот и возраста. Поради тоа, ние сме обврзани љубовта кон Бог да ја искажеме преку почитувањето на нашите ближни, нашите семејства, нашите соседи, нашите сонародници, нашите сограѓани. Денес, повеќе од кога и да било порано во Република Македонија ни е потребно одново да ја откриеме таа почит. Овој Божиќ е уште една можност за да си простиме, да се помириме и да се сплотиме околу трајните вредности. Ова е можност да градиме човечно, солидарно и праведно мултиетничко општество во кое ќе владеат праведни закони.“, пишува во честитката на Иванов.