Потребен ни е заеднички пристап за справување со мигрантската криза и намалување на безбедносните ризици преку јасно разграничување меѓу правниот и хуманитарниот, политичкиот, економскиот, социјалниот и безбедносниот аспект на кризата, истакна претседателот Иванов во своето обраќање на Состанокот на високо ниво на Генералното собрание на Обединетите нации за големи движења на бегалци и мигранти.
Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, нагласи дека уште од почетокот, Македонија имала проактивен и превентивен пристап во менаџирањето на мигрантската криза, и потсети дека сме првата држава во Европа која прогласи кризна состојба и ја испрати армијата на државната граница со цел заштита на границата и насочување на движењето на мигрантите.
– Ја презедовме одговорноста да бидеме чувар на портите на Европа. Распоредувањето на Армијата за поддршка на полицијата во заштита на границата резултира со затнување на движењето на илегалната миграција низ Балканскиот коридор, потенцираше македонскиот претседател, дополнувајќи дека ни е потребна ревизија на законите за учеството на Армијата во заштита на границите, домашната безбедност и контратероризмот.
Но од друга страна, рече Иванов, иако се докажавме како стабилни партнери, нашата држава е сеуште без пристап до базите на податоци на ЕУ за внес и споредба на податоци на мигранти и странски терористички борци, со недостиг на разузнавачка соработка за размена на податоци, и под негативна медиумска перцепција за спроведување на одлуките на самата Унијата.
– Сакам да упатам порака до Европската Унија: На Македонија и е потребна помош за да ви помогне Вам. Вие не можете да ги заштитите вашите надворешни граници ако прво не ги обезбедите коридорите долж државите кои се надвор од ЕУ. Македонија ќе делува во насока на заштита на националната безбедност. Какво било решение кое вклучува прием и сместување на мигранти и отворање на бегалски кампови во земји кои не се членки на ЕУ нема да биде одржливо и не смее да биде дозволено, рече Иванов.
Според него, предивиците на безбедноста на ЕУ се повеќе зависат од лидерството, политичката стабилност и кризниот менаџмент на владите на трети земји кои се главните точки за излез и влез на коридорите.
– Заканата од илегална миграција е совршена алатка за не-воен притисок во менаџирањето со конфликти и кризи. Тоа се прави преку „извезување“ и насочување на мигрантите по патот до крајната дестинација. Тоа доведе до сериозни тензии меѓу Европските држави“. Затоа, истакна Иванов. На ЕУ и се потребни стабилни и безбедни трети земји кои, како што кажа македонскиот претседател, се на географска позиција да ги контролираат портите и да ги заштитат коридорите.
– Следните предизвици со коишто ќе се соочиме се во Мегаполисите и нивната различност. Толеранцијата на различноста мора да се замени со почит на различноста, рече Иванов на Состанокот на високо ниво на Генералното собрание на ОН за големи движења на бегалци и мигранти.