Претседателот Ѓорге Иванов, денеска се сретна со францускиот амбасадор во Македонија Кристиан Тимоние и ја посети Француската алијанса во Битола. Оваа посета и средба се реализираат во пресрет на учеството на претседателот Иванов на 16. Самит на Франкофонијата, кој ќе се одржи на 26-27 ноември во Мадагаскар.
Република Македонија е полноправен член на Меѓународната организација на Франкофонијата од 2006 година. Учеството на претседателот Иванов на 16. Самит на Франкофонијата ќе биде прво учество на Република Македонија на ниво на претседател, од стапувањето во полноправно членство во Организацијата.
Па средбата, францускиот амбасадор Тимоние изјави дека имал огромна чест да го придружува претседателот Иванов на посетата на Француската алијанса во Битола и ја поздрави одлуката на претседателот Иванов за учество на Самитот на Франкофонијата.
– Претседателот на Република Македонија искажа посебен интерес кон францускиот јазик по повод неговото претстојно учество на Самитот на франкофонијата, којшто ќе се одржи во Мадагаскар во присуство на многу шефови на држави и на влади и со оваа денешна активност искажа поддршка кон изучувањето на францускиот јазик во Македонија, рече амбасадорот Тимоние.
Тој додаде дека отвореноста кон изучување на францускиот јазик претставува вистински пасош кон Европската унија, но исто така и кон целиот свет.
– Многу е важно Македонија да си го најде своето место во сите меѓународни инстанци, а Македонија е полноправна членка со 57 други земји во меѓународната организација на франкофонијата. Франција сака да и помогне на Македонија да се слушне и македонскиот глас, изјави амбасадорот Тимоние.