Претседателот Ѓорге Иванов во текот на оваа недела ќе го прими претседателот на Комисијата за настаните од 24 декември во Собранието проф. Борче Давитковски, кој поднесе оставка.
Од Кабинетот на Иванов информираат дека согласно тоа што го најави шефот на државата, средба со претседателот Давитковски ќе има во текот на оваа недела.
Се очекува Давитковски, како што изјави, на Иванов да му ја достави оставката од претседателското место на Комисијата откако не беше постигнат договор за извештајот со препораки за ланските настани пред и во Парламентот. Според партиските членови на Комисијата, не е постигнат договор за само четири точки од извештајот.
Иако беше иницирана средба на членовите на Комисијата за таа да продолжи со работа од страна на ВМРО-ДПМНЕ уште во текот на минатата недела, таа не се случи. Денеска уште еднаш членовите предложени од владејачката партија побараа од нивните колеги во Комисијата да се сретнат, но СДСМ тоа го одби со барање Иванов што поскоро да го разреши статусот на Давитковски.