Претседателот Ѓорге Иванов очекува посредникот на ОН Метју Нимиц, кој во почетокот на наредниот месец доаѓа во Скопје и во Атина, да презентира нови иницијативи и идеи за решавање на прашањето за името.
– Се надеваме дека ќе има нови иницијативи и нови идеи за кои ќе треба да разговараме. По посетата на генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун во Македонија, состојбите се менуваат. Се чувствува негов личен ангажман и настојување Нимиц да биде поактивен за да може процесот да се одвива и да не стои во место, изјави претседателот Иванов во синоќешното интервју за МТВ, на прашањето што носи медијаторот Метју Нимиц со неговата посета во јануари.
Шефот на државата оцени дека наспроти иницијативите за почести средби, од грчка страна немало ист тон на разбирање за да се дојде до решение за прашањето за името.
– Очекуваме оваа моја иницијатива и иницијативата од нашиот премиер и нашите министри да води кон интензивен дијалог. За секое прашање може да се разговара и преку дијалог да се дојде до нешто што би било взаемно прифатливо, рече Иванов.
Во контекст на заклучоците од последниот Европски совет и добрососедските односи, на прашањето зошто не чини соработката со Бугарија и како Македонија ќе одговори на последниот потег на Софија, шефот на државата оцени дека всушност нашите две општества се блиски и соработуваат, но дека изјавите на дел од политичарите се пред се наменети за домашна употреба и во функција на дневната политика. Иванов, воедно го поздрави ставот на поранешниот претседател Жељу Желев, за одлуката на актуелните бугарски политичари, оценувајќи го како искрен.
– Верувам во луѓе кои ја гледаат големата слика, кои не се опседнати од тоа дали ќе добијат уште еден мандат на следните избори и дали тоа што го прават е пред се на база на дневна политика. Се менуваат состојбите и ќе доаѓаат други политичари, ние сме тие што сме отворени и секогаш настојуваме да имаме добри односи со сите. Меѓутоа добрососедските односи се двонасочна улица, не зависат само од нас. Истото очекуваме да го видиме и од нашите соседи, порача македонскиот претседател.
Со оглед на тезите дека долгорочното останувањето надвор од ЕУ и НАТО претставуваа потенцијална опасност за безбедноста на земјава, претседателот Иванов порача дека грѓаните треба да се чувствуваат сигурно, затоа што сите институции се максимално посветени на прашањето на безбедноста на дражавата, но дека Македонија не е исклучена од она што се случува на глобален план.
Во однос на неговите очекувања како ќе заврши расправата за буџетот со оглед на тврдите спротивставени ставови, Иванов уште еднаш порача дека државата мора да функционира и буџетот мора да биде усвоен.
– Пратениците го добиле мандатот да се грижат за државните интереси на Македонија. Ним им е дадена можноста да го направат живото да биде подобар, а буџетот е основа со која може една држава да ги исполнува обврските кон своето општество и кон своите граѓани, изјави Иванов.
Запрашан за коментар последните анкети кои покажуваат постојан пораст на неговиот рејтингот Иванов вели: – „Секој што работи народот знае да го вреднува. Немојте никогаш да ги потценувате нашите граѓани Тие за овие 20 години видоа многу работи и знаат правилно да го оценат секој со што придонесува ишто сака да направи. Секој кој сака да ја добие довербата од граѓаните мора да се посвети на тоа за кое ја добил довербата“, порача шефот на државата
На прашањето како ја гледа земјава по пет години, Иванов одговори дека до тогаш очекува Македонија да ги исполни стратешките цели и да биде земја каде ќе се живее доследно, како што доликува на 21 век.
– Држава со многу странски инвестиции и држава во која ќе ги имате сите нови технологии на дофат. Сето она што се случува во светот да ги имаме и во Македонија. Македонија ја гледам како успешна земја, се очекувањата на Иванов за земјава до крајот на 2017.