Елаборирајќи го македонскиот став во спорот околу името од говорницата на Генералното собрание на ОН, претседателот Иванов коментираше дека денес е апсурдно некој да биде ословуван како поранешна држава или поранешна колонија.
„Добрососедските односи да ги градиме врз основа на солидарност. За возврат, од нашите соседи очекуваме солидарност во акција за побезбеден регион. Можеме и мораме да бидеме подготвени за идните ризици, со цел да му предадеме побезбедна иднина на нашето потомство“, порача македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов во обраќањето на 67-мото Генералното собрание на ОН во Њујорк.
„Владеењето на правото е нецелосно и невозможно без почитување на човековите права“, рече шефот на македонската држава, додавајќи дека „ќе немаме ниту мир, ниту развој без почитување на човековите права и владеењето на правото.“
Тој укажа дека Македонија посветува посебно внимание на развојот, унапредувањето и заштитата на човековите права и потсети дека земјата ја презентираше својата кандидатура за членство во Советот за човекови права за периодот 2014-2016 година.
„Не може да има одржлив развој без мир и безбедност, а без развој и намалување на сиромаштијата не може да има одржлив мир. Милениумските развојни цели остануваат параметрите според кои ќе се оценува нашиот успех“, оцени македонскиот претседател.
Иванов кажа дека Македонија ја демонстрирала посветеноста кон регионот на Југоисточна Европа и регионалната соработка преку претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
„Сакаме со нашето претседавање со Процесот да се фокусираме на реалните и секојдневни потреби на граѓаните. Потреби за мир, безбедност и развој. Потреби кои се резултат на глобалните предизвици. Предизвици кои не признаваат ниту политички граници, ниту етнички, ниту верски групи. Меѓу приоритетите на македонското претседавање ќе биде соработката во областа на економијата и земјоделството, културата и туризмот, науката и образованието, прекуграничната соработка и заштитата на животната средина. Нашиот пристап се темели врз принципот на решавање на проблемите на граѓаните, без разлика на етничката, верската или било која друга припадност“, истакна Иванов.
Тој подвлече дека владеењето на правото и човековите права се базични принципи и дека со нив не може да се прави компромис.
Иванов се повика и на извештајот од 2008-ма на тогашниот комесар на ОН за човекови и малцински права Геј Мекдугал: „Препораката од извештајот дека владата на нашиот јужен сосед треба да се повлече од спорењето околу тоа дали има македонско малцинство, и целосно да се фокусира на заштитата на правото на самоидентификација, слобода на изразувањето и слобода на здружувањето на таа заедница. Во препораката се повикува нашиот сосед да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права. Пресуди според кои на здружението треба да му биде дозволено да го користи зборот македонски во своето име и слободно да го изразува својот етнички идентитет. Во извештајот се заклучува дека правото на заштита мора да биде почитувано онака како што е елаборирано во Декларацијата за малцинствата и основните меѓународни договори за човекови права“.
Македонскиот претседател побара засилен ангажман од ОН за решавање на спорот со името: „Изразив очекување од генералниот секретар да го вложи својот авторитет и да се ангажира, со цел деблокада на разговорите што се водат под негово покровителство, а се однесуваат на разликата околу името. Почитувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата ќе значи почитување на меѓународното право и владеење на правото во практика. Верувам во процесот. Верувам дека процесот може да доведе до решение. Но, не можеме да чекаме уште 19 години за тоа да се оствари“.
Јане Бојаџиевски, Глас на Америка на македонски